Запленети се вкупно 734 кубни метри дрвна маса и се поднесени 147 прекршочни и кривични пријави во текот на октомври, во рамките на засилените акции на Шумската полиција против бесправната сеча, нелегалниот транспорт и трговијата со дрва од незаконско потекло. Според податоците, најголем дел од запленетата дрвна маса е даб и бука. Одземени се 288 кубни метри даб и 274 кубни метри бука, како и 51 кубен метар мешано дрво и 121 кубен метар техничко дрво, односно трупци.

Во акциите привремено се одземени и 11 товарни и 15 патнички возила, осум трактори, 13 приколки и 18 моторни пили, кои биле користени при незаконските активности. Од вкупно поднесените пријави, 122 се прекршочни и се доставени до надлежните судови, додека 25 кривични пријави се поднесени до Основното јавно обвинителство.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, најави продолжување на засилените контроли и одлучно постапување против сите форми на бесправна сеча и нелегална трговија со дрвна маса.

– Од дрвокрадството заработуваат поединци, а штетата ја трпат сите граѓани. Затоа продолжуваме со засилените контроли и одлучно ќе се постапува против секоја незаконска активност со која се уништуваат шумите – порача Серафимовски.

Тој нагласи дека ќе се бара одговорност не само од оние што бесправно ги сечат шумите туку и од лицата што нелегално ја препродаваат дрвната маса, потенцирајќи дека заштитата на шумите е заедничка обврска.

 

 

ИЗДВОЕНИ