Во рамките на манифестацијата ќе биде отворен и Поетскиот саем на книгата, кој првпат се организира кај нас и претставува нов исчекор во афирмацијата на поезијата во македонскиот културен простор. Годинава манифестацијата бележи и значаен меѓународен исчекор, станувајќи првата македонска поетска манифестација вклучена во програмата на „Поетската пролет“ – реномирана француска иницијатива што прерасна во важна меѓународна платформа за поетска и културна размена

 

„Допирот на генерациите“ и „нужниот историски континуитет“ на кои инсистираше Ацо Шопов се идеи водилки на годишното трето издание на манифестација „Денови на поезијата“, кое ќе започне вечер (14 мај) во 18:00 часот, на поетската сцена во „Скопје сити мол“. Традиционално, првиот ден на манифестацијата ќе им биде посветен на оние поети, како Блаже Конески и Анте Поповски, кои ги поставија темелите на македонската современа поезија, а во кои спаѓаат: Васил Куноски и Волче Наумчески (родени 1916); Видое Видичевски, Илхами Емин, Љупчо Стојменски и Љубен Ташковски (1931); Петар Т. Бошковски и Михаил Ренџов (1936); Светлана Христова-Јоциќ (1941), Атанас Вангелов и Васил Пујовски (1946). Ќе бидат одбележени и јубилејните родендени на Јован Стрезовски (95) и на Иван Чаповски (90).

Истовремено ќе биде отворен и поетскиот саем на книгата, кој првпат се организира кај нас и претставува нов исчекор во афирмацијата на поезијата во македонскиот културен простор.

Отворањето ќе го води првенецот на МНТ, Никола Ристановски. Софија Гогова-Врчаковска ќе чита стихови од Анте Поповски, во придружба на Сергеј Настески и Антонио Трајковски, студенти од Факултетот за музичка уметност. Петар Ренџов ќе ги придружува на гитара стиховите на македонските поети во интерпретација на Дамјан Атовски и Теона Крстевска, студенти на Факултетот за драмски уметности.

Вториот дел на свеченоста ѝ е посветен на Дорис Карева од Естонија, која се смета за еден од најсилните поетски гласови во Европа денес. На отворањето, со неа ќе разговара нејзината препејувачка на македонски, Јулијана Величковска, која ќе ја претстави збирката „Денови на милост“ во издание на „ПНВ Публикации“.

На отворањето ќе настапи и „Поетроника“, со краток извадок од концертот „Кон Ацо Шопов“, кој ќе го одржи утредента, в петок 15 мај, ден посветен на современите македонски поети.

Воедно, годинава манифестацијата бележи и значаен меѓународен исчекор, станувајќи првата македонска поетска манифестација вклучена во програмата на „Поетската пролет“ – реномирана француска иницијатива што прерасна во важна меѓународна платформа за поетска и културна размена.

– Поезијата е свртена кон човекот, се создава за него и ги дели неговите соништа – напиша некогаш Ацо Шопов. Соништата на нашите поети – оние што се со нас и оние што веќе ги нема – се во срцевината на „Деновите на поезијата“, со која фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ продолжува да гради мостови меѓу генерациите и нациите.

ИЗДВОЕНИ