четврток, јули 23, 2026
Дома КУЛТУРА Во Музејот на град Скопје ќе бидат промовирани двојазичното издание на „Тажачки...

Во Музејот на град Скопје ќе бидат промовирани двојазичното издание на „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г.“ и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“

1

На 26 јули, на денот кога се одбележува годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, во Музејот на град Скопје ќе бидат отворени изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“ и ќе биде промовирано дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ / Laments from the 1963 Skopje Earthquake (From the Archival Materials of Vasil Hadzimanov), од Ана Мартиноска и Жарко Иванов. Настанот ќе почне во 20:30 часот.

Книгата и изложбата се засноваат на архивските материјали на Васил Хаџиманов, создадени непосредно по земјотресот во 1963 година. Тие ги обединуваат ракописните и звучните записи на тажачките песни, како и фотографиите од погребните и поменските обреди, претставувајќи сведоштва за личната и колективната траума на скопјани по катастрофата.

Првото издание на книгата беше објавено во 2023 година, со цел пред научната и пошироката јавност да биде претставен долго време недостапен корпус од македонското фолклорно наследство. Книгата ги содржи записите што Хаџиманов ги направил на погребите и помените на жртвите, а кои повеќе од шест децении останале во неговата архивска оставнина. За ова истражување изданието ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година за особено значајно научно остварување, како и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.

Новото двојазично издание е проширено со дополнителни архивски белешки и фотографии што Хаџиманов ги направил во разурнатото Скопје и на гробиштата во Бутел, како и со музиколошки прилог од Вера Милошевска-Јосифовска. Англискиот превод на Милан Дамјаноски овозможува материјалите да станат достапни и за меѓународната научна јавност, при што е задржана нивната документарна и културна вредност.

Во рамките на настанот за првпат ќе биде претставена изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, чиј авторски концепт е подготвен во соработка со фотографот-документарист Иван Блажев од Архивот на МАНУ „Харалампие Поленаковиќ“. Изложбата ќе прикаже досега неприкажани фотографии од тажачките обреди по земјотресот, а посетителите ќе можат истовремено да ги разгледуваат фотографиите и да ги слушаат дигитализираните звучни записи од архивата.

Авторите посочуваат дека изложбата и книгата претставуваат два различни пристапа кон истиот архив – преку зборот и преку фотографијата – со цел да се сочува и да се направи подостапно сведоштвото за едно од најтрагичните поглавја во историјата на Скопје. Воедно, тие изразуваат надеж дека објавувањето на овие материјали ќе придонесе за поголема видливост на делото на Васил Хаџиманов и ќе поттикне натамошни истражувања на неговата богата архивска оставнина.

ИЗДВОЕНИ