„Галичник филм фестивал“ годинава на публиката ќе ѝ донесе повеќе од 50 краткометражни филмови од 30 земји од целиот свет, кои ќе се прикажат во рамки на официјалната натпреварувачка програма. Филмовите годинава доаѓаат од различни културни и географски средини, но ги поврзуваат истите современи дилеми. Во програмата се обработуваат теми како војната и нејзините последици, менталното здравје, семејните односи, миграцијата, идентитетот, љубовта и потрагата по припадност. Фестивалот ќе се затвори со наградуваното остварување на Георги М. Унковски, „Диџеј Ахмет“ 

Во Галичник по седми пат ќе се одржи филмски фестивал под отворено небо, што претставува едно од најавтентичните доживувања во регионот. Од утре (31 јули) до 3 август, публиката ќе има можност да проследи повеќе од 50 краткометражни филмови од 30 земји, избрани од стотици пријави од целиот свет, кои ќе се прикажат во рамки на официјалната натпреварувачка програма.

Покрај официјалната селекција, публиката ќе има можност да ја проследи студентската програма, светската панорама, детската програма, како и специјална програма посветена на македонскиот краток филм, со што фестивалот создава простор и за домашните автори, но и за најинтересните светски краткометражни остварувања.

Како што посочуваат организаторите, годинашната програма е најразновидна досега.

– Филмовите годинава доаѓаат од различни културни и географски средини, но ги поврзуваат истите современи дилеми. Во програмата се обработуваат теми како војната и нејзините последици, менталното здравје, семејните односи, миграцијата, идентитетот, љубовта и потрагата по припадност. Без однапред зададена тематска рамка, селекцијата природно го отсликува светот во кој живееме денес, свет исполнет со неизвесност, но и со надеж, истакнуваат од „Галичник филм фестивал“.

За најдобрите филмови ќе одлучува жири-комисија составена од реномирани филмски професионалци, режисерот Вардан Тозија, актерката Наташа Петровиќ и продуцентката Ивана Шекуткоска, имиња со значајно место во современата македонска, но и светска кинематографија.

Покрај филмските проекции, фестивалот годинава носи и еден сосема поинаков формат, „Прошетка со режисерката Дина Дума“. Наместо класичен мастерклас, посетителите ќе имаат можност низ прошетка околу Галичник да разговараат со една од најзначајните македонски режисерки за филмот, инспирацијата, креативниот процес и авторството. Амбиентот на Галичник станува дел од самото филмско искуство, а разговорот се претвора во непосредна размена на идеи.

На свечено затворање на фестивалот ќе биде прикажан „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски, македонскиот филм што годинава испиша историја со двојната победа на фестивалот „Санденс“ и продолжи со успешни прикажувања на бројни престижни светски фестивали.

– Со оваа специјална проекција, фестивалот ја заокружува својата програма, поврзувајќи ги новите авторски гласови во краткиот филм со еден од најголемите современи успеси на македонската кинематографија.

Главен партнер на фестивалот е Агенција за филм, а реализацијата е овозможена и со поддршка на бројни институции, компании и пријатели на фестивалот кои континуирано ја препознаваат неговата културна вредност.

ИЗДВОЕНИ