Франција, Шпанија и Грција продолжуваат да се борат со големи шумски пожари, додека нов бран на екстремни горештини, суша и силни ветрови го одржува поголемиот дел од јужна Европа во состојба на висока готовност.
Ситуацијата се подобрува во некои области, но властите предупредуваат дека опасноста сè уште не е помината. Во Франција, две лица се уапсени под сомнение за подметнување пожар во близина на Бордо; во Грција, тројца пожарникари ги загубија животите; а во Шпанија, најмалку десет големи пожари се сè уште активни, пренесува Ројтерс.
Туристите бегаат од Крит со брод
Најдраматичната ситуација се одвиваше на грчкиот остров Крит, каде што стотици туристи и локални жители мораа да бидат евакуирани по копнен и морски пат.
Силните ветрови го насочија пожарот кон туристичките области, а многумина ја поминаа ноќта спиејќи на импровизирани легла во спортска сала.
„Одвај се спасивме. Трчавме, а пожарот беше веднаш зад нас – имавме чувство како да нè брка“, изјави Лиа Галата, сезонска работничка во туризмот, која подоцна беше евакуирана со брод.
„Не знаев дали ќе умрам од пожарот или од пепелта, или пак ќе се удавам во морето. Беше целосно лудило“, раскажа таа.
Двајца пожарникари загинаа во централниот дел на Крит откако останаа заробени меѓу огнените фронтови, додека трет пожарникар настрада во посебен пожар на Пелопонез.
Британскиот турист Питер Вуд изјави дека луѓето во селото Агија Галини морале веднаш да го напуштат своето сместување. „Беше застрашувачки. Гледавме пламен на ридовите над селото, а полицијата и пожарникарите само им велеа на луѓето веднаш да заминат“, рече тој.
Градоначалникот на Агиос Василиос, Јанис Татаракис, ја опиша ситуацијата како „очајна“.
Франција: Изгорени 42.000 хектари
Во југозападна Франција, шумските пожари во близина на Бордо не се проширија дополнително во текот на ноќта; изгореа околу 42.000 хектари. Надлежните очекуваат поповолни временски услови – поголема влажност и пониски температури – иако предупредувањето за екстремни горештини останува на сила за департманот Жиронд.
Пожарите уништија огромни површини борова шума, принудувајќи околу 220.000 жители и туристи да се евакуираат од своите домови и одморалишта. Во меѓувреме, на околу 60.000 луѓе им е дозволено да се вратат.
Илјадници деловни субјекти кои привремено ја прекинаа работата повторно се отвораат, а се очекува и целосно отворање на еден од главните автопати за сообраќај, по повеќедневното затворање.
Околу 5.000 пожарникари, војници и спасувачи се вклучени во гаснењето на пожарите, додека Европската унија испрати авиони и хеликоптери како помош за француските тимови.
Француските власти предупредија дека најголемата опасност сега се преместила кон југоисточниот дел на земјата и кон брегот на Средоземното Море. Оваа година во Франција изгоре поголема површина отколку во која било година по 2006 година.
Уништени се цели села, како на пример Ле Порж (Le Porge).
„Огнени облаци“ – речиси невозможно да се запрат
Пожарите во близина на Бордо создадоа и таканаречени „огнени облаци“ – или пирокумулусни облаци – феномен што почесто се среќава во Калифорнија отколку во Европа. Тие се формираат кога исклучително силен пожар почнува да влијае на атмосферата, создавајќи сопствени ветрови и временски услови. Столб од жешки гасови може да го подигне облакот на височина од речиси десет километри, при што пожарот станува речиси невозможно да се запре.
Експертите предупредуваат дека ова создава маѓепсан круг во кој пожарот дополнително ги засилува временските услови што го поттикнуваат.
Европа е континентот што најбрзо се загрева во светот, а повторувачките топлотни бранови ги оставија шумите, вегетацијата и почвата целосно исушени.
Шпанија останува во состојба на готовност
Во Шпанија, премиерот Педро Санчез го намали степенот на опасност за големиот пожар на границата меѓу Мадрид и Кастилја и Леон, но нагласи дека кризата сè уште не е завршена. „Вонредната состојба продолжува. Ја спуштаме на оперативно ниво два, но остануваме во состојба на подготвеност“, рече Санчез.
Пожарникарите успеаја да ги зајакнат линиите за спречување на ширењето на пожарот во текот на ноќта, а веќе неколку дена нема ново ширење на огнената стихија. Околу 1.000 жители сè уште не можат да се вратат во своите домови во близина на акумулацијата Сан Хуан, западно од Мадрид.
Во покраината Кастељон, на средоземниот брег, пожарот во близина на Вал д’Уишо сè уште е активен, иако пожарникарите успеаја да го обезбедат периметарот на пожарот. На жителите од неколку мали населби им беше дозволено да се вратат.
Претходно, друг голем пожар во оваа област уништи речиси 10.000 хектари и принуди повеќе од 10.000 луѓе да се евакуираат.
Thousands of people have been evacuated from the Greek island of Crete as wildfires, fanned by strong winds, threaten tourist resorts and villages.
Around 8,000 people were evacuated overnight in Rethymno, where wind gusts reached 125 kilometers per hour.
These evacuations… pic.twitter.com/zitCan714Y
— T_CAS videos (@tecas2000) July 30, 2026



![[Интервју] Синоличка Трпкова: Светот бара автентични приказни, да создаваме уметност без желба да се допаѓаме](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/07/sinolicka-za-sajt-450x300.jpg)








