Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека одлуката за евентуално продолжување на конфликтот со Иран зависи од американскиот претседател Доналд Трамп, притоа изразувајќи скептицизам во однос на постигнувањето дипломатско решение со Техеран.
Нетанјаху за американската телевизиска мрежа ABC изјави дека САД остануваат „клучниот партнер“ на Израел и дека Трамп е единствено одговорен за американската стратегија.
Израелскиот премиер негираше дека се обидел да го убеди американскиот претседател да продолжи со нападите врз Иран за време на нивната средба во Белата куќа оваа недела.
Според него, тие разговарале за неколку опции за завршување на конфликтот – вклучително и обновување на преговорите со Техеран, одржување на блокадата на теснецот Хормуз или започнување нова воена офанзива – но конечната одлука му била препуштена на Трамп.
Нетанјаху изрази сериозни сомнежи за подготвеноста на Иран да постигне договор, сметајќи дека режимот можеби се обидува да добие на време и покрај дипломатскиот и економскиот притисок.
Израелскиот премиер изјави дека Иран сега е послаб од кога било, иако призна дека режимот не паднал по неколкумесечната војна.
Нетанјаху повтори дека неговата цел останува спречување на Исламската Република да дојде до нуклеарно оружје – цел што, како што тврди, ја дели со Трамп.
Во однос на теснецот Хормуз, Нетанјаху смета дека неговото стратешко значење треба да се намали со текот на времето поради развојот на нови енергетски рути кон Црвеното Море, а потоа и кон Средоземното Море.
Нетанјаху предупреди дека Израел силно ќе одговори на секој понатамошен ирански напад.



![[Интервју] Синоличка Трпкова: Светот бара автентични приказни, да создаваме уметност без желба да се допаѓаме](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/07/sinolicka-za-sajt-450x300.jpg)








