вторник, ноември 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во декември, три нови повици за ИПАРД

Во декември, три нови повици за ИПАРД

18

Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова-Лазарева, најави дека во декември ќе бидат објавени три јавни повици за различни мерки од ИПАРД, за кои ќе бидат обезбедени средства од програмскиот период за 2027 година.

Вкупниот финансиски фонд за седумгодишниот програмски период изнесува 198 милиони евра. Директорката посочува дека досега се исплатени сите одобрени и проверени барања за кои било поднесено барање за исплата.

Особено ја издвојува мерката за поддршка на жените во руралните средини, за која е предвидена неповратна финансиска помош до 360.000 денари за набавка на опрема. Со измените, жените повеќе нема да мора да поседуваат сопствен имот, туку ќе можат да аплицираат и како членки на земјоделско стопанство.

Кога станува збор за младите земјоделци, се подготвуваат дополнителни критериуми со кои треба да се спречат евентуални злоупотреби при користењето на набавената механизација и опрема.

– Агенцијата им е партнер на земјоделците, а не нивни противник. Сакаме средствата да стигнат до луѓето што навистина произведуваат храна. Во Агенцијата имаме прекрасни луѓе што работат повеќе од 20 години, ја знаат својата работа и не верувам дека некој досега имал таква намера. Иако имаме судски процеси во кои се опфатени десетици наши вработени, ќе видиме како ќе завршат тие постапки. Сепак, најголемиот дел, односно 70-80 проценти од вработените, се чесни луѓе, кои професионално си ја вршат работата и се подготвени да им помогнат на земјоделците, за да стигнат средствата до вистинските производители – порачува Иротова-Лазарева.

 

ИЗДВОЕНИ