Апелациониот суд во Скопје донел ослободителна пресуда за Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, во предметот „Меѓународен сојуз“. Со оваа одлука е преиначена првостепената пресуда на Основниот кривичен суд, со која Јовановски беше осуден на пет години затвор.
Веста ја соопшти неговиот адвокат Сашо Дуковски, кој го застапуваше во судската постапка. Тој преку објава на социјалните мрежи ја потврди одлуката и изрази задоволство од исходот на судскиот процес.
„Ете, правдата е спора, но достижна! Апелациониот суд во Скопје денес донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот ‘Меѓународен сојуз’. Со тоа ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од пет години!“, напиша Дуковски.
Јовановски во октомври 2025 година беше осуден на петгодишна затворска казна за измама и перење пари, во повторената постапка за случајот „Меѓународен сојуз“.
Според обвинението, преку проект за изградба на домови за стари лица биле измамени двајца бизнисмени, а дел од парите што биле уплатени за реализација на проектот биле искористени за финансирање на телевизијата „1ТВ“ и за лични потреби.
Случајот започна во 2020 година. Во првата постапка, во 2022 година, Јовановски беше осуден на девет години затвор, но Апелациониот суд во 2024 година ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење.
Засега, информацијата за ослободителната пресуда е објавена од адвокатот Дуковски. Се очекува Апелациониот суд официјално да ја потврди одлуката и да ги објави причините поради кои е преиначена првостепената пресуда.












