вторник, ноември 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Основната каматна стапка останува на 4,25 отсто

Основната каматна стапка останува на 4,25 отсто

0

Народната банка одлучи да ја задржи основната каматна стапка на 4,25 проценти, оценувајќи дека неизвесноста на меѓународните пазари и ризиците од растот на цените на енергенсите бараат внимателен пристап кон монетарната политика. Од Народната банка посочуваат дека, и покрај стабилноста на девизниот пазар и забавувањето на инфлацијата, потребно е време за да се потврди одржливоста на овие движења. Геополитичките тензии, војната во Украина и ескалацијата на Блискиот Исток создаваат ризици за цените на енергенсите и домашната инфлација.

Годишната инфлација во септември изнесувала 2,7 проценти, а според најновите проекции се очекува просечно да достигне 3,6 проценти во 2026 година, 3,4 проценти во 2027 и 2,2 проценти во 2028 година.

Домашната економија бележи раст. Во првата половина од 2026 година, БДП пораснал за 3,7 проценти, а Народната банка проектира годишен раст од 3,8 проценти за целата година и четири проценти на среден рок. Се очекува главен двигател да бидат инвестициите во патната и во енергетската инфраструктура, со дополнителна поддршка од домашната потрошувачка и извозот.

Девизниот пазар останува стабилен, а девизните резерви на крајот од септември изнесувале 5,024 милијарди евра. За 2026 година се очекува раст на депозитите од 7,8 проценти и раст на кредитите од 12,8 проценти.

Од Народната банка најавуваат дека внимателно ќе ги следат домашните и меѓународните економски движења и ќе ги користат расположливите инструменти за зачувување на стабилноста на денарот, ценовната стабилност и финансискиот систем.

 

 

ИЗДВОЕНИ