вторник, август 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВНИМАВАЈТЕ НА ЛАЖНИ СМС ПОРАКИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“: МВР предупредува на нова...

ВНИМАВАЈТЕ НА ЛАЖНИ СМС ПОРАКИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“: МВР предупредува на нова фишинг измама

0

Министерството за внатрешни работи предупредува на нова серија фишинг напади преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.

Во последниот период граѓаните добиваат лажни известувања кои наводно се испратени од Одделот за моторни возила и се поврзани со системот „Безбеден град“. Во пораките се наведува дека граѓанинот направил сообраќаен прекршок, а преку приложен линк се бара да изврши уплата на наводната глоба.

Од МВР посочуваат дека СМС известувањата за вистински направен прекршок треба да пристигнуваат од испраќачот „MVR-SC“. Пораката задолжително треба да содржи регистарска ознака на возилото со кое е направен прекршокот, како и линк во формат: https://safecountry.mvr.gov.mk…

Граѓаните се предупредуваат да не отвораат сомнителни линкови и пораки и никогаш да не внесуваат броеви од банкарски картички, лозинки или други лични податоци преку неовластени канали.

Од МВР советуваат да се проверува адресата на испраќачот, бидејќи официјалните институции и компании користат службени домени. Дополнителна заштита е и користењето двофакторска автентикација (2FA) на електронските сметки.

Сомнителните пораки граѓаните треба да ги пријават до надлежните институции или до својата банка.

Секторот за компјутерски криминал при МВР продолжува со истрагите и презема мерки за откривање и санкционирање на сторителите на овие измами.

Слични фишинг измами се појавуваа и во изминатиот период, при што преку лажни пораки и линкови сторителите се обидуваат да дојдат до личните и банкарските податоци на граѓаните.

МВР повторно апелира: не кликајте на линкови од непознати или сомнителни пораки и секогаш проверете дали известувањето навистина доаѓа од официјална институција пред да извршите уплата или да внесете лични податоци.

ИЗДВОЕНИ