среда, ноември 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЕГИПЕТСКИОТ КРИВИЧЕН СУД ОБЈАВИ СПИСОК НА 35 ОРГАНИЗАЦИИ КОИ ПРЕТСТАВУВААТ ТЕРОРИСТИЧКА ЗАКАНА:...

ЕГИПЕТСКИОТ КРИВИЧЕН СУД ОБЈАВИ СПИСОК НА 35 ОРГАНИЗАЦИИ КОИ ПРЕТСТАВУВААТ ТЕРОРИСТИЧКА ЗАКАНА: Планираат ли „Муслиманските браќа“ ширење и во Македонија преку Исламска младинска асоцијација?

Во судската одлука е наведено дека оваа и другите организации се поврзани со меѓународната мрежа на организацијата „Муслиманско братство“ која е забранета во Египет и се залага тоа општествата да почиваат на основите на исламската религија. Безбедносните експерти повикуваат на будност и потребата да се расчисти дилемата за која точно организација во Македонија се работи. Организацијата „Муслимански браќа“ е влијателна транснационална  исламистичка организација основана во Египет во 1928 година. Движењето го основал египетскиот учител и имам, Хасан ал-Бана, со цел да го врати исламското влијание во општеството и да се спротивстави на западниот колонијализам и секуларизмот. Движењето се залага за концептот на политички ислам, верувајќи дека религијата треба да ги регулира сите аспекти на јавниот и приватниот живот.

0
epa06274768 Fighters from the Syrian Democratic Forces (SDF) pass by on a car at the Al-Na'im roundabout in central Al-Raqqa, Syria, 18 October 2017 (issued 19 October 2017). The Al-Na'im roundabout also known as the 'Roundabout of Hell', located in the center of the city of Al-Raqqa, has been the last to be liberated by US backed Syrian forces from the grip of the organization of the so-called Islamic State (IS, ISIS or ISIL). The roundabout was used by ISIS extremists to perform public executions, beheadings and crucifixions during their three-year rule of the city. EPA/YOUSSEF RABIH YOUSSEF

Во Македонија дејствува Исламска младинска асоцијација која Кривичниот суд од Каиро, Египет, ја прогласил за терористичка поради врските со забранетата организација „Муслимански браќа“ во оваа арапска земја која се залага за воведување на шеријатот. Оваа организација е меѓу вкупно 35 граѓански невладини организации и 36 поединци кои се означени дека преземаат терористички активности, а се наоѓаат во повеќе европски земји. Ваквата одлука на судот кој постапува по тешки кривични дела на територијата на главниот град на Египет доаѓа во рамките на справувањето на тамошните власти со делувањето на организацијата „Муслимански браќа“, која таму е забранета уште од 2013 година, кога со воен удар беше соборен тогашниот египетски претседател Морси.

Одлуката на египетскиот Кривичен суд, која ја пренесе египетската државна новинска агенција МЕНА, била објавена на 10 ноември во египетскиот Службен весник. Здружението од Македонија, кое е опфатено со оваа одлука, во оригиналниот документ на арапски јазик е наведено како „Таџаму ал-Шабаб ал-Ислами“, а за што најблизок превод е дека се работи за Исламска младинска асоцијација (здружение). Иницијаторот на предметот било Вишото обвинителство за државна безбедност на Египет. Сите организации и поединци се поврзуваат со дејствувањето на меѓународната мрежа на организацијата „Муслимански браќа“, а на списокот доминира Советот на европски муслимани (Council of European Muslims) и неговите национални ограноци и партнерски организации низ Европа. Покрај организацијата од Македонија, на списокот се наоѓаат и слични здруженија од Балканот и Европа, меѓу кои здружението „АКОС“ од Босна и Херцеговина, „Културната фондација за наука и образование“ од Косово, културното здружение „Иднина“ од Албанија, како и организации од Франција, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Шведска, Италија, Турција и Русија. На списокот на поединци се наоѓаат: Ибрахим Фарук Мохамед Ал-Зајат, Абдел Азиз Мохамед Абдел Азиз Ибрахим, познат и како Хамза Коркмаз, Хусеин Мохамед, Мохамед Халава; Анас Осама Тавфик Ал-Тикрити и Висам Ал-Бардавил.

– Ставањето на оваа листа од страна на Египет подразбира воведување финансиски санкции, замрзнување на имот и забрана за активности поврзани со египетски субјекти за период од 5 години – се наведува во веста на египетската агенција.

Само ден претходно, египетскиот судот донесе и одлука со која и организацијата „Муслимански браќа“ е прогласена за терористичка.

Последиците од конфликтите во Египет

Организацијата „Муслимански браќа“ е влијателна транснационална  исламистичка организација основана во Египет во 1928 година. Движењето го основал египетскиот учител и имам Хасан ал-Бана со цел да го врати исламското влијание во општеството и да се спротивстави на западниот колонијализам и секуларизмот. Движењето се залага за концептот на политички ислам, верувајќи дека религијата треба да ги регулира сите аспекти на јавниот и приватниот живот. Организацијата смета дека Куранот и сунетот треба да бидат основа за шеријатско уредување на државата и законите. Низ својата историја, движењето минувало низ периоди на силен подем, но и на жестоки државни прогони. По обидот за атентат врз египетскиот претседател Гамал Абдел Насер во 1954 година, организацијата беше забранета, а илјадници членови беа уапсени. По соборувањето на Хосни Мубарак во 2011 година, движењето формираше политичка партија, а нивниот кандидат Мохамед Морси победи на претседателските избори во Египет во 2012 година. По масовните протести против неговото владеење, египетската војска го собори Морси од власт во јули 2013 година, по што движењето повторно беше прогласено за нелегално. Во тој период, во Египет имало и масовни напади врз коптските христијани, при што 37 биле запалени или оштетени, а имало и загинати лица. Нападите следувале по недели антихристијанска реторика на дел од собирите на поддржувачите на Морси, а некои претставници на „Муслиманските браќа“ јавно ги осудиле нападите. Од Египет, идеологијата на „Муслиманското братство“ се прошири низ Блискиот Исток, Северна Африка и Европа преку различни локални ограноци и сродни партии. Таа е официјално прогласена за терористичка организација и во земји како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Русија, а во април 2025 година беше забранета и во Јордан. Во повеќето западни држави организацијата не е на листата на терористички групи.

Од друга страна, во Македонија засега нема доволно јавно достапни податоци за нејзиното точно правно име и регистрација во Македонија. Од јавно достапениот список на граѓански организации, со податоци од Централниот регистар, постои само регистрирано здружение „Исламски младински форум – Скопје“. Египетската листа го наведува арапското име, кое индиректно како превод се поклопува со името на оваа организација. Но, тоа не мора да значи дека станува збор за оваа организација. Наведувањето на организација од Македонија во ваков список отвора прашања за нејзиниот идентитет, активностите, евентуалните меѓународни поврзаности и причините поради кои се нашла во судската одлука. Во досега објавените извештаи не е презентирано посебно образложение за македонскиот субјект, ниту конкретни докази за неговата наводна поврзаност со терористички активности.

Во невладината организација „Исламски младински форум“, вчера не можеше да се добие некаков коментар на одлуката на египетскиот Кривичен суд. На нашите повици и пораки не одговараше никој од седиштето на оваа организација лоцирано во близина на надвозникот на скопски Бит-пазар. На интернет-страниците на кои се објавени нејзините цели, се наведува дека таа е основана во 2000 година и за своја цел има „промовирање на универзалните исламски и човечки вредности, заштита на младите од отстапувања, како и нивно воспитување и обука“. На нејзиното чело порано повеќе години бил актуелниот скопски муфтија на ИВЗ Ќенан Исмаили. Оваа организација во 2013 година беше меѓу оние кои учествувале на протестот во Старата скопска чаршија против насилните промени во Египет.

Да се утврди за каква организација станува збор

До затворањето на весникот не добивме одговори на наши новинарски прашања упатени до МВР и до Агенцијата за национална безбедност. Инаку, оваа одлука е внатрешен правен акт на Египет и нема автоматско правно дејство во Македонија или во ЕУ, освен ако надлежните домашни или европски институции не покренат сопствени постапки.

Експерт за безбедносни прашања Љубомир Ѓурчевски смета дека нашите служби треба да бидат будни.

– Првенствено е потребно од египетските органи да добиеме подетално објаснување за која точно организацијата станува збор и со какви докази тие располагаат околу нејзини наводни терористички активности. За нас е посебно важно да се открие кој ја создал организацијата, кој ја финансира, која ја раководи… Сето ова се случува во периодот кога кај нас и премиерот неодамна предупреди на можности за прелевање на кризите. За нас е крајно неприфатливо воведување на шеријатот како облик на општествено уредување. Познато е дека „Муслиманските браќа“ се раширени како организација по европските земји – наведува Ѓурчевски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Македонската полиција последниве две години имаше неколку успешни акции за откривање радикални ќелии што подготвувале терористички активности. Во јуни, полицијата поднесе кривична пријава против пет лица што кон крајот на 2024 година формирале медиумски канал и преку него повикувале и поттикнувале формирање терористичка група по примерот на ИСИС. Претходно, во февруари, било приведено лицето К. Х. (20), кое на крајот од јануари годинава, преку социјалната апликација „Дискорд“, испратило сериозна закана дека е подготвено да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како „калашников“. Тој месец, Јавното обвинителство почна истражна постапка против три лица од Скопје, осомничени за исламски радикализам. Претходно, во јануари минатата година бил уапсен 21-годишниот гостиварец Г. М. и уште три други лица поради подготвување терористички акции. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ