Со испитување на вештото лице Анита Поповска, по професија економист, во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој се обвинети поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами и уште шест лица.
– Предмет на ова вештачење е набавка на видеолотариски терминали за приредување на игри на среќа. Постапката е спроведена од страна на Државна лотарија, анализата е од нивно планирање, донесување одлуки, понуди на економски оператори се разгледани, склучени рамковни спогодби, до реализација на поединечните договори, испорака на опремата, извршените плаќања – појасни Поповска. Третиот економски оператор, како што рече, бил избран во постапката за јавна набавка.
– Од расположливата документација, не се утврдени склучени поединечни договори ниту испорака, фактурирање или плаќање – додаде таа. Одговарајќи на прашање, рече дека вкупно исплатен износ за набавката е 596.125.511 денари или околу 9.7 милиони евра.












