среда, ноември 11, 2026
Дома МАГАЗИН Путин сака да доживее 150 ГОДИНИ! Руски научници проучуваат илјадници стари мајмуни...

Путин сака да доживее 150 ГОДИНИ! Руски научници проучуваат илјадници стари мајмуни да ја откријат тајната на вечната младост,

Руски научници проучуваат илјадници стари мајмуни во обид да ја откријат тајната на вечната младост, додека рускиот претседател Владимир Путин – кој наводно сонува да доживее 150 години – сè повеќе вложува во истражувања за долговечноста, пренесува „Дејли мејл“.

0
EPA/ANASTASIA BARASHKOVA

Истражувањето го предводи 80-годишниот Михаил Ковалчук, кој се смета за еден од главните научни советници на рускиот лидер.
Во неговиот Институт „Курчатов“ – еден од водечките руски научно-истражувачки центри – се чуваат повеќе од 7.000 мајмуни од 22 различни видови.

Меѓу нив има посебна група животни во длабока старост, од кои некои се постари од 30 години. Научниците вршат детални испитувања на нивната крв, мозок и внатрешни органи, барајќи траги што би можеле да ја објаснат долговечноста.

„Ги следиме постарите мајмуни за да ги проучиме сите фази на стареењето. Испитуваме единки на возраст од 18 до над 30 години. Вршиме сеопфатни прегледи: биохемиски анализи, проценка на составот на телото, испитување на крвните садови, скенирање на мозокот – сè. Приматите се најблискиот модел што го имаме за ваков вид истражување. Ова служи како основа за создавање систем за регулирање на продолжувањето на човечкиот животен век“, изјави Ковалчук ​​на еден научен форум во Москва.

Неговиот тим научници исто така формираше специјализирана банка за крв, во која се чуваат примероци земени од мајмуни што достигнале исклучително длабока старост. Проектот за истражување на долговечноста се спроведува во соработка со Рускиот научен центар за хирургија „Петровски“. Директорот на центарот, Константин Котенко, изјави дека овие примероци им помагаат на истражувачите да ги разберат биолошките механизми на стареењето.

Помладиот брат на Ковалчук, Јуриј (74) – милијардер и еден од најблиските соработници на Путин – е познат и под прекарот „паричникот на Путин“. Михаил Ковалчук ​​го води проектот на Путин за продолжување на животот, заедно со ќерката на рускиот претседател, Марија Воронцова (41), која е ендокринолог. Таа неодамна, на руската државна телевизија, претстави планови за развој на лекови против стареење и методи за борба против смртта.

Иако не го спомна Путин по име, таа отворено призна дека „главниот двигател“ зад истражувањата за долговечност е „егзистенцијалниот страв од смртта“. Опсесијата на Путин со подмладување стана очигледна за време на неговата посета на Пекинг минатата година. Еден микрофон случајно сними разговор што тој го водел со кинескиот претседател Шји Џинпинг, во кој се зборувало за трансплантација на органи и за можноста луѓето да доживеат 150 години.

Тогаш, Путин му рекол на Шји дека напредокот во трансплантационата медицина би можел да им овозможи на луѓето да стануваат сè помлади – па дури и, потенцијално, да постигнат бесмртност.

„Колку подолго живеете, толку помлади станувате“, забележал Путин.

Подоцна, на конференција посветена на вештачката интелигенција, тој изјавил: „Веројатно е можно да се доживеат 150 години“, додавајќи дека дури и тоа не е доволно долго.

Во меѓувреме, Русија интензивно спроведува научни истражувања во областа на 3Д-печатење на живо ткиво и ксенотрансплантација – поточно, одгледување човечки органи во телата на минијатурни свињи, за кои се смета дека се генетски компатибилни со луѓето.

Научниците на Путин, исто така, развиваат третман – наводно прв од ваков вид во светот – чија цел е да го забави процесот на стареење преку блокирање на еден клучен ген, познат како RAGE.

ИЗДВОЕНИ