понеделник, јуни 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Владата за две години дала 15 милијарди денари повеќе за субвенции отколку...

Владата за две години дала 15 милијарди денари повеќе за субвенции отколку претходната власт за три години

7

За два дена ќе бидат исплатени субвенциите за тутунарите во вредност од две милијарди денари, иако законскиот рок за исплата е до 30 јуни, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.

Тој истакна дека кога Владата ја презела власта во 2024 година, исплаќала заостанати субвенции уште од 2021 година, додека сега, по неполни две години, веќе се исплаќаат тековните субвенции за 2025 година.

„Ако се собере вкупниот број исплатени субвенции од страна на Владата на СДСМ и ДУИ во периодот 2021, 2022 и 2023 година како директни плаќања и поддршка од Програмата за рурален развој, ќе дојдеме до сума помала од 14 милијарди денари. Оваа Влада за две години има исплатено околу 15 милијарди денари, што значи една милијарда денари повеќе отколку што тие исплатија за три години. Тоа е вистината и ова се бројки“, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека значително е зголемена и откупната цена на тутунот. Според него, пред четири години, тутунот се откупувал по околу 150 денари за килограм, додека сега се потпишуваат договори за откуп по цена од 450 денари за килограм.

„Она што е различно е што тогаш имавме 16, 17 или 18 милиони килограми тутун, а сега имаме 26, 27 и 28 милиони килограми тутун“, истакна Мицкоски.

Тој ја обвини опозицијата дека се обидува да ги манипулира граѓаните и земјоделците со, како што рече, неточни конструкции наместо со факти и бројки.

„Секогаш сакам да зборувам за бројки, а не за конструкции кои, за жал, очајната опозиција која нема идеја и не знае како, се обидува да ги манипулира граѓаните и земјоделците. Жал ми е што имаме опозиција каква што е, но ние мораме да одиме напред, Македонија мора да забрзува“, порача премиерот.

ИЗДВОЕНИ