Владата најавува построги правила и засилен надзор во рударскиот сектор, со цел природните богатства на Македонија да носат поголема економска вредност за граѓаните, но и да се обезбеди заштита на здравјето на населението и животната средина. Во рамки на новите политики, според податоците што ги презентираше Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), во 2025 година биле наплатени над 1,2 милијарди денари од концесиски надоместоци, што претставува зголемување за повеќе од 660 милиони денари во споредба со претходната година.
– Дополнително, зголемени се концесиските надоместоци за користење на минералните суровини. Кај металичните минерални суровини стапката е зголемена од два на четири проценти, додека кај мермерот од еден на пет проценти. Во насока на зајакнување на контролата, раскинати се 53 концесиски договори, а инспекциските капацитети се засилени со тројца дополнителни инспектори – велат пд МЕРМС.
Паралелно се подготвува и нова законска рамка со која се предвидува целосно, односно 100-процентно финансиско покритие на проценетите трошоци за управување со рударскиот отпад, како и за исполнување на обврските поврзани со санацијата и затворањето на рудниците. Донесена е и Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година, подготвена со експертски придонес од Македонската академија на науките и уметностите.
Во меѓувреме, се актуелизира прашањето за отворање на нови рудници. Премиерот Христијан Мицкоски отворено ја изразува својата поддршка за отворање рудник за антимон во селото Луке, во општина Крива Паланка, поточно во областа Крстов Дол. Тој истакнува дека неговиот став е идентичен со ставот на градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на СДСМ. Според премиерот, градоначалникот исто така ја поддржува реализацијата на проектот, и покрај различните позиции што ги има раководството на опозициската партија.
– За рудникот на антимон во Крива Паланка, во местото Луке, да сум за. Исто како што сум јас, е и вашиот градоначалник, потполно исто – изјави Мицкоски, додавајќи дека не може да даде поконкретен одговор од неговата јасно искажана поддршка.
Осврнувајќи се на рудникот Казандол, премиерот рече дека државата ја добила арбитражната постапка поведена од украинската компанија која претходно била концесионер. Според неговите тврдења, компанијата треба да ги покрие трошоците за арбитражата, поради што државата нема да има финансиски обврски од постапката. Мицкоски ја искористи оваа тема и за критика на одлуките на претходната влада, обвинувајќи ја дека со своите политики го предизвикала спорот.
Премиерот се осврна и на проектот за рудникот Иловица-Штука, посочувајќи дека процесот започнал во времето на претходните влади, а подоцнежните одлуки за спојување и поништување на концесиските подрачја предизвикале правни компликации. Тој наведе дека Вишиот управен суд донел одлука со која повторно се става во сила одлуката за спојување на концесиските подрачја, но нагласи дека прашањето за евентуален анекс на договорот останува законски нерегулирано. Мицкоски порача дека Владата нема да преземе чекори спротивни на интересите на граѓаните и дека инвестициите во рударството мора да бидат усогласени со јавниот интерес.












