Тибетскиот медицински систем е еден од најстарите во светот. Се развивал во текот на многу векови, но за неговиот подем најзаслужен е будизмот. Буда открил дека страдањето произлегува од копнежот и незнаењето. Тој укажал дека со практикување мудрост, етика и медитација може да го надминеме страдањето. Според тибетскиот будизам, Буда е врховен исцелител, а заблудите и поврзаноста за нештата се коренот на сите наши болести и психофизички нарушувања.
Лутината, стравот, стресот и тагата им се најголеми непријатели на мирот и хармонијата. Во тибетскиот медицински систем се смета дека лутината е причинител за многубројни болести, вклучувајќи ги и оние што се поврзани со високиот крвен притисок, несоницата и дегенеративните нарушувања. Неконтролираната лутина предизвикува психофизичко разнебитување на личноста и емоционална дисхармонија. Невозможно е да постигнеме внатрешен мир доколку гневно и нервозно реагираме. Хармонијата и лутината не одат заедно. Едното нужно го истиснува другото. Понекогаш е неопходно да изразиме лутина поради одредена неправда, но неразумно е ако живееме гневно и манифестираме емоционален отров во односите со другите. Не е добро и доколку ја потиснуваме лутината и опстојуваме со чувство на вина и саморазјаденост. Трпеливоста, сочувството, самопочитта и позитивната визија се најдобрите внатрешни средства за одбрана против деструктивните емоции.
Љубовта, љубезноста и сочувството се основната природа на секое живо суштество. Кога се поврзуваме со оваа природа, тоа е толку смирувачко; се чувствуваме убаво и доживуваме голема радост и задоволство. Буда нагласувал дека треба да ги разгориме нашите основни квалитети на добрината: љубовта, љубезноста и сочувството, кои се познати во будизмот како „бодичита или умот на просветлувањето“. Ова ќе ни помогне подобро да ги разбереме значењето на природниот ритам и процесот на животот и смртта.
За да постигнеме внатрешна хармонија, неопходно е да се грижиме за нашето тело и да вложуваме во нашиот дух. Здрав дух во здраво тело (и обратно) е една од најзначајните крилатици на антиката. Како што напишал филозофот Демокрит: „На луѓето им прилега повеќе да се грижат за душата отколку за телото, бидејќи совршенството на душата ги исправа слабостите на телото, но силното тело без разумност не придонесува за мирот во душата“.
Како што му се потребни физички вежби на човечкото тело така и на човековиот дух му се потребни душевна храна, позитивни мисли, грижа и спокојство. Според античките филозофи, виталноста на духот е клучот за среќата, бидејќи здравиот, витален дух ги хармонизира сите аспекти на човечкото битие.
Тибетските мудреци сметаат дека духот не е само производ на психичките функции или на хемиските реакции, туку примарен создавачки елемент на животот, креатор и обликувач на телото, а не негов роб. За да постигнеме психофизичка хармонија, треба да бидеме умерени и урамнотежени во постапките. Болеста речиси секогаш е производ на внатрешниот дисбаланс, на разните претерувања и на нескладот што постои помеѓу духот и телото на човекот.
Во тибетската медицинска практика, главниот акцент е ставен на лекувањето на духот на болниот, а потоа се бара решение и за физичките симптоми на неговата болест.
Нашиот ум, односно нашите позитивни или негативни мисли го водат нашето тело кон здравје или кон болест. Слично на будистичките учења, и тибетската медицина претпоставува дека може да се ублажат или надминат здравствените проблеми преку познавање на природата на болеста и со дијагностицирање на причините што создале психофизичка слабост.
Тибет има сопствен традиционален систем на природна медицина и сопствено сфаќање на болеста.
Помеѓу другото, тибетскиот лекар е должен да акумулира вештини на берење и собирање цвеќиња, лисја, стебла или корења на растенија. Во последните години од своите студии, лекарот ги изучува посложените форми на дијагностиката на пулсот.
Во тибетската интерна медицина, моралните квалитети на лекарот се исклучително важни, како и неговата медицинска експертиза. К. Дондруп пишува: „Знаењето и вештината не се доволни сами по себе за да се стане добар лекар. Љубовта, љубезноста и сочувството кон пациентите, како и искрениот напор да се сподели нивното страдање, се подеднакво важни квалитети на лекарот“.
Тибетските медицински тантри зборуваат за четири категории на болести.
Првата категорија ги вклучува кармичките болести што произлегуваат од лошите постапки во минатите животи. Тибеќанците веруваат дека нашите минати постапки ги обликуваат нашите мисли и чувства и следствено може да станат причина за болест.
Втората категорија на медицинска тантра укажува дека постојат болести што се предизвикани од лоши духови. Ова гледиште не е невообичаено во тибетската култура. Доктор Јеши Донден, кој дваесет години му служел како лекар на 14. Далај Лама, заклучил: „Не можам да го избројам бројот на луѓе што биле нападнати од духови… Иако не може да се видат, духовите постојат и можат сериозно да го нарушат здравјето на човекот“.
Третата категорија на тибетски медицински тантри се состои од болести што се јавуваат спонтано и се плод на негативните мисли и на лошата душевна состојба. Како што напишал д-р Лобсанг Рапгај: „Негативните чувства какви што се љубомората, омразата и стравот, честопати предизвикаат органски промени во нашето тело“.
Четвртата категорија ги вклучува болестите што се резултат на неправилната исхрана и на дисхармоничниот начин на живот.
Тибетските медицински тантри опишуваат три дијагностички пристапи: слушање, набљудување и чувствување. Слушањето претпочита разговор со пациентот за неговата болест, за неговите навики и за неговиот начин на исхрана. Набљудувањето е со цел визуелно да се согледаат држењето (положбата) на телото и движењето на пациентот, како и неговите јазик и урина. Чувствувањето и допирањето на пулсот е најзначајната дијагностичката техника на тибетската медицинска тантра.
Иако зборува за разни состојби што водат кон болест, тибетската медицина ги наоѓа главните причини во незнаењето, омразата, гневот, негативното размислување, алчноста, ниската страст и во приврзаноста за нештата. Овие психофизички слабости во тибетската медицина се нарекуваат отрови или огнови. Ваквите отрови ги разнебитуваат мирот и здравјето на човекот и се корен на сите физички, емоционални и ментални нарушувања.
Тибетските будисти веруваат дека болеста каква што е ракот може да биде некој вид предупредување поради занемарување на духовните и емоционални потреби на личноста. Доколку болниот сериозно го сфати таквото предупредување и почне темелно да го менува својот животен стил, тогаш ќе може да го излекува телото и да го исцелува своето битие. Тибетските лекари укажуваат дека постојат здравствени нарушувања што класичната медицина не може да ги излекува, затоа препорачуваат духовните поуки и астролошките насоки да станат дел од медицинското лекување. Во Тибет, астрологијата е значајна вештина за извршување на лекарските должности.
Според големиот тибетски мудрец Падмасамбави, етапите на духовниот напредок и психофизичкото исцелување треба да се одвиваат на следниов начин:
- Да се читаат голем број едукативни книги и да се слушаат предавања на мудри учители што изнесуваат духовни и филозофски теории.
- Меѓу сите учења што ги истражуваме, да се усвои едно, а другите да се напуштат.
- Да живееме скромно, да бидеме уредни, да го неутрализираме влијанието на егото и да не тежнееме кон моќ.
- Да го воздигнуваме нашиот дух, да не тежнееме кон почести и да не ѝ робуваме на земската слава.
- Да бидеме рамнодушни на сѐ. Да не се напрегнуваме поради нештата што сакаме да ги добиеме или избегнеме.
- Да прифатиме сѐ што ни доаѓа: богатството или сиромаштијата; пофалбата или презирот.
- Да не жалиме поради нештата што сме ги направиле.
- Да ги набљудуваме нештата без да се возбудуваме и да не се изместуваме поради туѓите критики.
(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












