Владата засега не планира повторно намалување на ДДВ за дизел-горивото како мерка за стабилизирање на цените, но во меѓувреме се водат разговори со компанијата „Окта“ за продолжување на попустот за горивата. Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека акцизите остануваат непроменети, но Владата ќе ги следи движењата на светските берзи и врз основа на просечните цени на нафтата во втората половина од месецот ќе носи нови одлуки.

– Дизелот веќе беше над 1.200 долари по тон, што значи тие 4 денари ќе останат. Безоловниот беше под 1.200 долари по тон, но очекувам и тој да надмине 1.200, така што и таму ќе имаме повторно намалени акцизи од 4 денари по литар –  истакна премиерот.

Мицкоски посочи дека Владата води политика на стабилност во услови на глобална енергетска неизвесност, нагласувајќи дека целта е заштита на животниот стандард на граѓаните. Според него, Македонија се издвојува во регионот по тоа што граѓаните плаќаат меѓу најниските цени за горива, што е резултат на досегашните економски мерки.

– Ќе продолжиме со стабилни политики и заштита на стандардот на граѓаните, рече Мицкоски, додавајќи дека фискалните мерки имаат влијание врз буџетот, но дека ефектот врз граѓаните е приоритет.

Премиерот се осврна и на економските движења, посочувајќи дека инфлацијата во март и април се движи под 5 проценти, што, како што рече, е во рамки на очекувањата. Тој упати и на податоците за наплатата на даноците, според кои во првиот квартал има раст кај данокот на добивка и персоналниот данок на доход со двоцифрени стапки, додека ДДВ бележи пораст од 5,5 до 6 проценти.

Според податоците за извршувањето на Буџетот до 27 април, реализацијата на приходите изнесува 29 проценти, расходите 33 проценти, а капиталните инвестиции околу 35 проценти. Мицкоски порача дека економските индикатори се стабилни и дека државата успешно се справува со глобалните предизвици, особено во енергетскиот сектор.

– Сè има своја поврзаност и засега немаме простор за паника. Граѓаните да бидат сигурни, има кој да води стабилни политики. Македонија не е држава што коленичи, туку држава што рефлектира стабилност во регионот – изјави премиерот.

Тој додаде дека Владата продолжува да се справува со, како што рече, една од најголемите енергетски кризи во поновата историја, споредлива со кризите од 70-тите години и 2022 година, и дека ќе продолжи со мерки за зачувување на економската стабилност.

ИЗДВОЕНИ