Градските власти со ровови ќе ги блокираат приодите до поранешната депонија „Вардариште“ за да се спречи ново фрлање отпад, а по први мај ќе има засилен теренски надзор од инспекторите, откако им било укажано дека повторно се носат камиони со ѓубре таму.
На состанокот што бил одржан со градските власти, на претставниците од „Стоп за Вардариште“ им било кажано и дека во близина на ЈП „Лајка“ ќе биде поставена заштитна ограда, како дополнителна мерка за спречување влез во Вардариште.
Ова следува по последното палење на депонијата на 15 април.
Од „Стоп за Вардариште“ добиле информација од градските власти дека биле извршени подготовки за почеток на „одгасувањето“ на депонијата, што се очекува најдоцна до август (можно е и порано) .
– Ископани се два бунари, од кои се земени мостри, испратени на анализа во акредитираната лабораторија на Универзитет „Гоце Делчев“. Резултатите ќе бидат јавно објавени – соопштија од „Стоп за Вардариште“.
Тие додаваат дека, според техничкото решение, ќе се изведат 22 бунари со прецизни координати за мерење на количината на гас, како почетна, истражувачка фаза. Притоа, како што велат, одлуката за втора фаза ќе зависи од резултатите.
– Доколку има доволно гас, ќе се постави соодветна централа за негово искористување – наведуваат од „Стоп за Вардариште“.
Исто така, било најавено дека во наредните недели ќе се изврши хумано преселување и згрижување на ранливото население.
На локацијата 24/7 ќе има дежурни инспектори, кои ќе патролираат на терен, а ќе бидат поставени и дополнителни камери.
Освен тоа, им била ветена редовна комуникација и информирање за сите чекори, со цел да се обезбеди транспарентност на целиот процес.
Од „Стоп за Вардариште“ истакнаа дека бројот за пријавување до дежурниот инспекторат (072 898 898), кој подолг период не бил во функција, по нивна пријава повторно е ставен во употреба.
– Споменавме дека се потребни континуирани превентивни мерки од институциите, a не само реакција по инцидент – нагласуваат од „Стоп за Вардариште“.
Тие не ја исклучуваат можноста за нови блокади доколку продолжи палењето, имајќи го предвид, како што велат, револтот по последните случувања.
– Остануваме будни и активни. Загадувањето од „Вардариште“ не смее повторно да стане наше секојдневие – децидни се од „Стоп за Вардариште“.
(А. П.)












