Синдикалните организации во земјава, годинава, поделено ќе го одбележат 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот. Додека Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) традиционално излегува на протестен марш, дел од другите синдикати, меѓу кои СОНК и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), празникот ќе го одбележат со првомајска конференција посветена на работничките права и трудовите политики.

ССМ најави протест кој ќе започне на 1 мај, во 11 часот, пред седиштето на организацијата – Работничкиот дом. Маршот ќе продолжи кон Собранието, потоа пред Стопанската комора, а завршната точка ќе биде пред Владата. Од синдикатот упатија повик до работниците масовно да се приклучат на протестот, на кој ќе бидат истакнати барањата за зголемување на минималната плата и подобрување на работните услови.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, посочи дека според податоци од Управата за јавни приходи, преку 260.000 работници во земјата имаат примања под 600 евра, што, како што рече, ја отсликува реалната состојба на голем дел од работната сила. Тој додаде дека усогласувањето на минималната плата и порастот на животните трошоци дополнително ја оптоваруваат егзистенцијата на семејствата со ниски примања, оценувајќи дека станува збор за „поразителна статистика“ за креаторите на политики и работодавачите.

Трендафилов предупреди и на можни последици од укинување на одредени колективни договори, што, според него, би можело да создаде негативен ефект врз целиот систем на заштита на работничките права.

За разлика од ССМ, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) најави дека 1 Мај ќе го одбележи преку првомајска конференција, на која ќе се дискутира за законските решенија поврзани со работните односи и колективното договарање.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) соопштија дека ќе учествуваат на конференцијата организирана од СОНК, посветена на трудовите политики и значењето на колективните договори, во чија подготовка и примена, како што велат, активно учествуваат синдикалните организации.

 

 

ИЗДВОЕНИ