Авиокомпанијата „Визер“ го одбележа Меѓународниот ден на жената со реализирање серија целосно женски летови на повеќе европски пазари, како дел од иницијативата за промовирање родова разновидност и еднакви можности во авијациската индустрија.

Вкупно 70 жени – пилоти и членови на кабинскиот персонал – на 8 март управуваа со летови во десет земји, при што сите оперативни функции на овие летови, од пилотската кабина до кабинскиот и дел од земјениот персонал, беа извршени исклучиво од жени. Летовите се реализираа во Унгарија, Обединетото Кралство, Италија, Молдавија, Романија, Германија, Кипар, Грција, Словачка и Северна Македонија.

Летот од Скопје беше управуван од пилотите Мартина Стивенс и Ива Матиќ, додека кабинскиот персонал го сочинуваа Ружица Петрушевска, Сара Насевска, Моника Ристевска, Нора Смилевска и Алек Трајковска.

Оваа иницијатива претставува петта година по ред како авиокомпанијата реализира целосно женски летови, традиција што започна во 2022 година. Целта е да се подигне свеста за можностите за кариера на жените во авијацијата и да се надминат традиционалните родови стереотипи во индустријата.

Според податоците од индустријата, жените сочинуваат само 4,7 проценти од пилотите во светот, 3,1 проценти од инженерите за одржување на авиони и 21,1 процент од контролорите на воздушниот сообраќај. Овие бројки значително се разликуваат од општата работна сила, каде жените претставуваат околу половина од вработените на почетно ниво.

Во рамки на „Визер“, заклучно со март 2026 година, жените сочинуваат 5,6 проценти од летечкиот персонал, што претставува постепен раст во изминатата деценија. Авиокомпанијата постави цел до 2030 година жените да достигнат најмалку 7 проценти од вкупниот број пилоти, додека во кабинскиот персонал тие веќе учествуваат со 68,5 проценти.

Напорите за поголема вклученост на жените се поддржуваат и преку специјализирани програми како „She Can Fly“ во рамки на Wizz Air Pilot Academy, како и иницијативите „Cabin Crew to Pilot“ и „Office to Pilot“, насочени кон поттикнување на жени од различни позиции во компанијата да изградат кариера како пилоти.

Од компанијата посочуваат дека покрај летечките операции, се работи и на зајакнување на женското присуство во лидерските и корпоративните позиции. Уделот на жени во врвниот менаџмент на авиокомпанијата е повеќе од двојно зголемен во последните две децении, достигнувајќи над 36 проценти во 2026 година.

Од „Визер“ нагласуваат дека иницијативите како целосно женските летови имаат за цел да покажат дека родовата разновидност може да придонесе за поинклузивна и посилна авијациска индустрија во иднина.

ИЗДВОЕНИ