„Жената на Македонија низ историјата е синоним за упорност и пожртвуваност. Таа била мајка и чуварка на домот и истовремено во постојана борба која довела до значајни општествени промени и до постепено признавање на нивната улога и вредност, истакна едукаторот историчар Ана Вишинова, која заедно со кустос историчар Даниела Митевска се автори на едукативната музејска сликовница „Македонките во битка –вистински приказни“ промовирана вчера во Музејот на македонската борба за самостојност. Таа додаде дека од самото отворање на Музејот, почнале да истражуваат и да обработуваат теми за жените во Македонија преку изложби, едукативни работилници и збогатување на статии за жени на „Википедија“ на македонски јазик. Како резултат на овие активности и во координација со наставниците од училиштата биле поттикнати оваа трета музејска сликовница да биде посветена на жената во Македонија.
„Оваа сликовница, која е производ на едукативна програма на Музејот на македонската борба, обработува теми поврзани со улогата на жените на овие простори низ историјата, почнувајќи од османлискиот период, па сè до периодот од Втората светска војна и активностите на жената во мирновременски услови и процесите на втемелувањето на македонската држава. Преку бројни примери, сликовито и концизно е доловена македонската жена, нејзиното вклучување во првите отпори на ајдутското движење проткаено со впечатливи фотографии од познатите ајдутки и нивното оружје користено во тоа време. Потоа, учеството на жените во комитските дружини и чети за време на револуционерните борби и Илинденското востание, а паралелно со тоа се прикажани и жените учителки кои биле учеснички во образовниот процес на населението“, посочи на промоцијата, меѓу другото, Анче Илиевска, в. д. директорка на Музејот на македонската борба. Таа додаде дека во сликовницата е прикажана и хуманитарната, но и креативната страна на жената во битките. Прикажани се и жените учеснички во Балканските војни, Првата светска војна и Народноослободителна војна.
Преку оваа сликовница дознаваме повеќе за Сирма војвода, за македонската Јованка Орлеанка – Екатарина Арнаудова, за Руша Делчева, најстарата сестра на Гоце Делчев, Роса Плавева – една од првите борци за правата на жените во Македонија, но и за седумте жени народни херои – Вера Јоциќ, Ибе Паликуќа, Естреја Хаим Овадија, Елпида Караманди, Фана Кочовска-Цветковиќ, Вера Ацева и Мара Нацева…
– Жените никогаш не биле пасивни набљудувачи на настаните, туку активни учесници во процесите и во борбата за човекови права и слободи. Во оваа сликовница ги претставуваме Македонките кои, иако условени од патријархални, социјални, економски и политички стеги… свесно станале против стереотипите и предрасудите, додаде Митевска.
Сликовницата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.
(Д. Т.)












