На три локации во Скопје, вчеравечер биле затечени лица при нелегално фрлање шут и отпад. Станува збор за две локации во Аеродром и една во централното градско подрачје, на улицата „Рузвелтова“.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека биле лоцирани сторителите, веднаш биле евидентирани и добиле налог наредниот ден да се јават во просториите на Град Скопје, каде што ќе им биде изречена соодветна глоба, согласно со законските прописи.
Дополнително, им било наложено веднаш да го подигнат отпадот и да го однесат на соодветна депонија, со задолжително приложување кантарска белешка како доказ.
Доколку не го сторат тоа, како што истакна Ѓорѓиевски, ќе следуваат нови санкции.
– Нема да дозволам поединци да го грдат лицето на Скопје, да го загадуваат просторот во кој живееме и да ја загрозуваат иднината на нашите деца. Нема оправдување за вакви појави. Нема толеранција за вакво однесување, за уништување на Скопје: ќе има одговорност – дециден е скопскиот градоначалник.
Тој апелираше до сите граѓани да го чуваат Скопје како сопствен дом.
– Да не дозволиме неодговорноста на поединци да ги поништи работата, трудот и желбата на илјадници скопјани што сакаат чист, уреден и достоинствен град – потенцира Ѓорѓиевски, кој додаде дека инспекторите се 24 часа на терен и будно го следат секое нарушување на животната средина.
Според првиот човек на градот, скопјани не го заслужуваат тоа, а Скопје мора да биде чисто, заштитено, мора да биде град со ред, одговорност и почит.
(А. П.)












