сабота, ноември 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Внимание зад воланот! Само 100 метри видливост на патот Куманово – Страцин:...

Внимание зад воланот! Само 100 метри видливост на патот Куманово – Страцин: АМСМ предупредува и на опасност од одрони

0

Маглата го отежнува сообраќајот на патниот правец Куманово – Страцин, каде што видливоста утрово е намалена на само 100 метри. Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но по влажни коловози.

Надвор од градските средини интензитетот на сообраќајот е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои опасност од одрони. Меѓу поризичните правци се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Во сила е и обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која важи од 15 ноември 2026 до 15 март 2027 година, без оглед на временските услови. Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица, од 17 ноември е затворен за сите видови возила.

Поради градежни работи и санации, на повеќе патни правци низ земјава се воведени времени измени во сообраќајот. Посебен режим има на делниците Градско – клучка Дреново, Велес – Неготино, Штип – Радовиш, Гевгелија – граничен премин Богородица, Кичево – Охрид и Гостивар – Кичево.

На граничниот премин Делчево, поради реконструкција, сообраќајот се одвива непрекинато, со времен режим.

ИЗДВОЕНИ