Oколу подводните фонтани во реката Вардар често се задржуваат отпад, гранки, пластика и други нешта што ги носи Вардар. Ова се должи на фактот што конструкциите на фонтаните претставуваат пречка околу која водата го намалува протокот, па полесно се акумулира отпад, особено по обилни дождови или зголемен водостој. Првичната замисла беше овие фонтани да прават водоскоци високи до 20 метри и да светат во боите на виножитото, но од тоа, барем засега, не се гледа ништо. Градските власти признаваат дека состојба на овие фонтани е нарушена, но велат дека во моментов се работи на изнаоѓање одржливо и безбедно решение, кое ќе овозможи овој простор повторно да ги добие изгледот и функцијата што ги заслужува
Двете подводни фонтани во реката Вардар, поставени во близина на Камениот мост како дел од проектот „Скопје 2014“, не се во функција и со години служат како собирачи на ѓубре.
Oколу нив често се задржуваат отпад, гранки, пластика… што ги носи Вардар. Ова се должи на фактот што конструкциите на фонтаните претставуваат пречка околу која водата го намалува протокот, па полесно се акумулира отпад, особено по обилни дождови или зголемен водостој. На тој начин се нарушува визуелниот изглед на просторот околу Камениот мост и се создава впечаток на запуштен јавен простор на едно од најрепрезентативните места во градот.
Првичната замисла беше овие фонтани да прават водоскоци високи до 20 метри и да светат во боите на виножитото, но од тоа, барем засега, не се гледа ништо.
Градските власти признаваат дека состојбата на овие фонтани е нарушена. Тие објаснуваат дека според досегашното утврдување, во минатото, при изведувањето градежни активности во коритото на реката, со употребата на тешка механизација биле оштетени, односно целосно уништени делови од системите за прскање и осветлување. Дополнително, биле констатирани и конструктивни проблеми, поради што, како што велат, нивното повторно ставање во функција не може да се реализира без претходна темелна анализа и безбедно техничко решение.
– За Град Скопје е важно секој проект што се враќа во функција да биде изведен квалитетно, трајно и без ризик за граѓаните, инфраструктурата и самото корито на реката Вардар. Токму затоа во моментов се работи на изнаоѓање одржливо и безбедно решение, кое ќе овозможи овој простор повторно да ги добие изгледот и функцијата што ги заслужува – одговорија градските власти.
Оттаму додаваат дека сите фонтани во градот Скопје, како „Воин на коњ“, „Филип 2“, „Прометеј“, двете фонтани кај Министерството за транспорт, кај Министерството за социјална политика, демографија и млади, се ставени во функција, а дополнително, во тек се градежни активности за ставање во функција на подната фонтана на плоштадот.
Притоа, наведуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите следни чекори.
Двете фонтани беа пуштени во употреба во 2011 година, но оттогаш повеќе не работат отколку што работат. Едната е поставена во линија на Народниот театар, а другата пред Уставниот суд. На средина имаат по една поголема цевка, која треба да испушта млаз од 20 метри, а околу нив по осум помали цевки што прскаат до седум метри во висина. Освен цевките, кои се искривени, фонтаните имаат и подводни рефлектори, кои ги осветлуваа водоскоците.
(А. П.) Фото: (П. С.)












