среда, јуни 24, 2026
Дома СПОРТ Вини стои на излезната врата од „Сантијаго Бернабеу“

Вини стои на излезната врата од „Сантијаго Бернабеу“

0
epa11669574 Real Madrid's forward Vini Jr celebrates after scoring the 1-2 lead during the LaLiga soccer match between Celta de Vigo and Real Madrid at Vigo's Balaidos stadium in Pontevedra, Spain, 19 October 2024. EPA/Lavandeira

Ако им се верува на последните извештаи што пристигнуваат од Шпанија, бразилскиот интернационалец Винисиус Жуниор би можел да го напушти Реал Мадрид во текот на летниот преоден рок. Засега нема договор за продолжување на соработката, Бразилецот не одговара на понудите, а клубот јасно стави до знаење дека нема да го чека.

Извештаите од Мадрид велат дека „одбројувањето“ за разгледување на доставените понуди веќе почнало и „кралевите“ нема да молат никого, дури ни Винисиус.

– Реал Мадрид испрати неколку понуди за продолжување на соработката со Винисиус Жуниор. На ниту една од понудите не е одговорено. Клубот отсекогаш бил оптимист во врска со продолжувањето на соработката, но тој оптимизам не е претворен во никаков договор. Понудите имаат рок на траење. Одбројувањето започна. Ќе има преговори по Светското првенство, но ако нема договор, Реал ќе разгледа други опции – открива Хозе Феликс Дијас.

Винисиус Жуниор сака плата во ист опсег како онаа на Килијан Мбапе, но Реал Мадрид не е подготвен да му го даде тоа и тоа е она што ги забавува преговорите.

Како што стојат работите, на крајот би можела да се случи разделба и тоа, сигурно, би била најголемата „бомба“ ова лето.

Винисиус е во Мадрид осум години, освои сè со него и верува дека со нов договор тој треба да покаже почит за сè што направи за него.

Реал е свесен дека евентуалниот неуспех во преговорите ќе резултира со лавина понуди од најголемите европски клубови. ПСЖ, Манчестер сити, но и клубовите од Саудиска Арабија со месеци ја следат ситуацијата и интерно анализираат колку би биле подготвени да платат за обесштетувањето и за платата на еден од моментално најатрактивните играчи на пазарот.

Сите во Мадрид се свесни колку неговото заминување би го променило лицето на тимот, но од клубот постојано повторуваат дека никој не е поголем од Реал Мадрид и дека традицијата продолжува без оглед на поединците.

Ставот на челниците на клубот е јасен: постои финансиска рамка што нема да се надмине, без оглед на името на играчот. По доаѓањето на Килијан Мбапе, беше формирана одредена структура на плати што не сакаат да ја нарушат и токму тоа е каменот на сопнување во разговорите со Винисиус.

Од друга страна, Винисиус и неговиот тим веруваат дека заслужува договор што јасно го одразува тоа. Тие се убедени дека на фудбалскиот пазар, тој лесно би добил понуди што би го направиле еден од најплатените играчи во светот.

Бразилскиот напаѓач одигра 375 натпревари за „кралскиот клуб“ и има учинок од 128 гола и 100 асистенции.

ИЗДВОЕНИ