Со нова законска рамка, придвижување на капиталните инвестиции и засилена контрола врз концесиите, Македонија ги поставува темелите за посигурен и понезависен енергетски систем. Ова го истакнува заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, во отчетот за досегашната работа на Движењето ЗНАМ во овој стратешки сектор.
Според Лабудовиќ, од преземањето на одговорноста во 2024 година, фокусот бил ставен на надминување на наследените структурни проблеми, институционално зајакнување и реализација на проекти кои треба да ја зголемат домашната енергетска независност. Тој вели дека во изминатиот период е воспоставена нова законска рамка преку законите за енергетика, обновливи извори и енергетска ефикасност. Истовремено, се придвижени проекти во преносниот систем и се создадени попредвидливи услови за приватните инвестиции.
Според него, посебен акцент е ставен на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија. Во таа насока се започнати инвестиции во околу 200 мегавати фотоволтаични централи, нови ветерни капацитети, како и проектот за когенеративна гасна централа во Битола со капацитет од околу 250 мегавати. Меѓу значајните стратешки проекти се и Чебрен и Галиште, како и „Вардарска Долина“, кои имаат потенцијал да придонесат за долгорочна стабилност на енергетскиот систем. Дополнително, преку гасните интерконектори со Грција и Србија, земјата ја зајакнува регионалната поврзаност и ги проширува можностите за диверзификација на снабдувањето со енергенси.
Од ЗНАМ потенцираат дека резултати се нотираат и во областа на рударството. Лабудовиќ посочува дека засилен е надзорот врз концесионерите, а повеќе од 50 концесии се еднострано раскинати поради неисполнување на преземените обврски. Подготвени се и нови законски решенија за рударството и геологијата, со кои треба да се обезбедат поголема контрола и заштита на природните богатства и јавниот интерес. Во отчетот е посочена и социјалната компонента на енергетските политики, преку нова методологија за утврдување на енергетската сиромаштија и таргетирани програми за поддршка на ранливите категории граѓани.
Од ЗНАМ оценуваат дека во изминатите две години се поставени значајни темели за енергетска трансформација, но нагласуваат дека процесот е долгорочен и дека претстои уште многу работа.
– Не тврдиме дека се решени сите проблеми. Но, разликата е во тоа што процесите се придвижени, одлуките се носат, а преземените обврски се претвораат во конкретни политики и проекти – се наведува во отчетот.
Од Движењето ЗНАМ порачуваат дека остануваат посветени на спроведувањето на изборната програма, со цел изградба на енергетски посилна, економски постабилна и институционално поодговорна Македонија.












