
Гана и Англија одиграа нерешено, без голови, во второто коло од Светското првенство, но, според сите извештаи, претставникот на Африка бил срамно ограбен пред очите на целиот свет. Англискиот дефанзивец Езри Коса имаше жесток старт врз Принс Аду во шеснаесетникот, но судијата Саид Мартинес од Хондурас не покажа на белата точка, а неми останаа и судиите во ВАР-просторијата.
Извештаите од сите страни сугерираа дека станува збор за чист пенал. Гана беше многу оштетена, а нејзиниот селектор, Карлос Кеирос, по дуелот, со бес во очите зборуваше за срамната судиска одлука.
„Не сум сигурен дали сè уште функционира ВАР на Светското првенство. Дали сè уште имаме ВАР? Дали функционира? Имам некои сомнежи бидејќи не доделија чист пенал за Гана. Пропуштија да досудат чист пенал против Англија. Имавме шанси, и тие имаа голема среќа. Уште еднаш ВАР отиде на кафе. Така е. Би сакал да одам на кафе така, одвреме-навреме, но ова е чист пенал, црвен картон. Дали се сомнева некој во тоа? Дали го видовте истото или само јас бев на натпреварот? Жал ми е за сарказмот, но ако кажам нешто сериозно, ќе бидам казнет. Се надевам дека разбирате зошто се шегувам. На крајот на краиштата, нерешено е фер резултат. Тие имаа повеќе посед на топката, ние се боревме повеќе. Верувам дека е добар бод и за нив – кажа тој.
Навивачите, како што се очекуваше, експлодираа на социјалните мрежи. Видеото од контроверзниот почеток беше споделено со голема брзина, со коментари дека Гана била третирана како второлигашка екипа и дека одлуката сигурно ќе била поинаква ако сè се одвивало во спротивниот шеснаесетник.











