Македонските кикбоксери продолжуваат со одличните настапи на Европското првенство во Скопје, а натпреварувачкиот ден го завршија со вкупно осум обезбедени бронзени медали. Последен во низата беше Стефан Михајловски, кој со убедливи 3-0 го совлада Унгарецот Марк Хомонаи и се пласираше во полуфиналето, со што обезбеди најмалку бронзен медал во категоријата +94 килограми во дисциплината кик-лајт.

Претходно место меѓу четворицата најдобри обезбедија и Силвио Мировски, Нелсон Узеир и Марија Димовска, а успешната серија ја комплетираа Анастасија Јанческа, Наум Додевски, Викторија Варадинова и Теа Велковска.

Од останатите, Дарко Нумановиќ во категоријата до 74 килограми загуби од Турчинот Муџахит Мили со 0-3 и го заврши настапот во четвртфиналето на петтото место. Михајловски, пак, го очекува полуфиналниот дуел против Полјакот Рафал Гашчак, во обид да обезбеди место во големото финале.

ИЗДВОЕНИ