Гудачкиот квартет „Пламенка Трајковска“ утревечер (5 ноември), во Културно-информативниот центар – Скопје ќе направи уникатен спој на класичната музика и на немиот филм, во чест на „кралот на валцерот“. Уникатниот мултимедијален концерт, насловен „Јохан Штраус во филмот: концерт и проекција на немиот филм ‘Веселата војна’“, претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведе музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ европската култура од крајот на 19 век.
Повод е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години од камерното музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска. Концертот е во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“.
На концертот ќе настапи гудачкиот квартет во состав: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.












