Оваа сабота на 18-ти април хотелот ,,Александар Палас“ по 25-ти пат ќе биде домаќин на светски познатиот Виенскиот бал. Ќе се случи под покровителство на амбасадата на Република Австрија во нашата земја, градот Виена, Министерството за култура, а во организација на Здружението за културна соработка Јохан Штраус.
Гостите ќе се дружат со виенските валцери, со екстравагантноста на Штраус музиката, со уметноста во која се чувствува легендарниот музички дух на убавата Виена. Кој не умее да игра валцер, има шанса да заигра на звуците на светски евергрини и македонски хит рефрени. Под диригентската палка на Бисера Чадловска, а со Танцовата школа “Прима данца“. И годинава, Виенскиот Бал во Скопје има хуманитарна димензија. Секој гостин на Балот активно ќе учествува во афирмација на човековата добрина, достоинството и вредноста на човекот. Во уметничката програма на Виенскиот Бал во Скопје ќе настапат врвни уметници:Ана Петановска, Џон Илија Апелгрин, Полина Тасева, Калина Велковска.
Водителка на Балот е згодната Вера Мештеровиќ, која и овојпат е во вечерниот фустан на модната куќа Елена Лука. На Виенскиот Бал во Скопје се почитува вековната традиција на задолжителниот дрес код, и тоа, за дамите – свечена долга тоалета, а за господата – смокинг, темно одело или униформа. Виенскиот Бал во Скопје и оваа година, потврдувајќи ја македонско-австриската сорaботка на поле на културата и уметноста, уште еднаш ќе ја донесе магијата на музиката, танцот и гламурот, и тоа во служба на хуманоста. (Д.М.)












