Владата продолжува да го стимулира извозот како главен приоритет за домашната економија, со фокус на конкурентните цени, транспортот и на развојот на инфраструктурата, истакна вицепремиерот Александар Николоски и посочи дека ограничувањето на домашниот пазар би го забавило економскиот раст, поради што е неопходно дополнително отворање кон странските пазари.
Според него, извозот бележи раст, странските компании што веќе инвестирале продолжуваат да ги прошируваат своите активности, а интерес за вложување покажуваат и нови инвеститори. Позитивен тренд е и сè поголемото присуство на домашните компании на меѓународните пазари. Тој нагласи дека Владата бара билатерални решенија со земјите од Шенген-зоната за надминување на предизвиците со кои се соочуваат транспортерите, посочувајќи ја Швајцарија како прва земја што понудила поддршка.
Паралелно, забрзано се реализираат инвестициите во патната и во железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10. Николоски истакна дека цените на горивата и железничките транспортни услуги во земјата се меѓу најконкурентните во регионот и пошироко, нагласувајќи дека е важно да се одржат тие и покрај глобалните предизвици. Како дополнителен приоритет, тој ја посочи стандардизацијата на производите и услугите на домашните компании, со цел зголемување на нивната конкурентност на странските пазари.












