| Бугарија в недела ќе гласа на осмите по ред парламентарни избори за пет години |
Бугарија во недела ќе гласа на парламентарни избори, осми по ред за пет години. За главен фаворит се смета поранешниот воен пилот и поранешен претседател на државата, Румен Радев, кој беше избран за претседател во 2016 година, а поднесе оставка овој јануари за да може да се кандидира на парламентарните избори.
Тој им вети на гласачите дека ќе ги запре „локалните феудалци и моќните луѓе што задушуваат цели региони на Бугарија“, но неговата победа би можела да ја редефинира надворешната политика на Бугарија, која ја диктираат партии лојални на Брисел, наведува „Ројтерс“. Бугарија ѝ се приклучи на еврозоната во јануари, а минатиот месец потпиша договор за безбедност со Украина, на што Радев се спротивстави.
– Основачите на коалицијата го воведоа еврото во Бугарија без да ве прашаат, а сега, кога ќе ги плаќате сметките, запомнете кои политичари ви ветија дека ќе бидете во клубот на богатите – им рече Радев на гласачите.
По поразот на унгарскиот премиер Виктор Орбан на изборите, Радев се позиционираше како единствен преостанат лидер на ЕУ подготвен да ги подобри односите со Москва.
– Ние сме единствената членка на ЕУ што е и словенска и источноправославна, поради што можеме да бидеме многу важна врска за обновување на односите со Русија – рече Радев во неодамнешно интервју.
Неговата партија Прогресивна Бугарија има поддршка од 30 проценти од гласачите, речиси 10 проценти повеќе од партијата ГЕРБ, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов. На Радев, сепак, ќе му требаат коалициски партнери што би можеле да ги модерираат неговите проруски ставови, а еден од можните кандидати е проевропската партија Континуирани промени – демократска Бугарија, која има поддршка од 12 проценти од гласачите. Радев отфрла коалиција со партијата ГЕРБ и со Движењето за права и слободи, чиј лидер, Делијан Пеевски, е под санкции на САД и на Велика Британија, поради корупција.
Весникот „Франкфуртер рундшау“, во подолг текст посветен на изборите во Бугарија и на Румен Радев како фаворит, пишува дека тој доминира на социјалните медиуми во Бугарија со милиони прегледи, но дека експертите се сомневаат во неговата вистинска поддршка. Во текстот, меѓу другото, се вели: „Соборена влада, нова валута и информативен простор во кој границите меѓу вистинската поддршка и инсценираното масовно движење одамна се разлеваат – Бугарија повторно оди на избори в недела (19 април). И овој пат може да победи човек за кого Европа дури сега почнува сериозно да размислува“.
Според извештајот на Балканската иницијатива за слободни медиуми (БФМИ), зголемувањето на содржините наклонети кон Радев на „Фејсбук“ и на „Тик-ток“ далеку го надминува она на која било друга политичка сила во земјата. Дали ваквите активности значат вистинска поддршка или се инсценирани, е прашање што треба да се разјасни, пишува „Франкфуртер рундшау“.
Во текстот понатаму се наведува дека Бугарија, според оцена на БФМИ, веројатно, е членка на ЕУ што институционално е најмалку подготвена за заканите што ги претставува дигиталната манипулација, во меѓувреме, за демократската легитимност. Зашто, за разлика од Унгарија и од Словенија, Бугарија досега не поднела барање за поддршка преку ЕУ-системот за брза реакција. Ова паѓа в очи, особено ако се има предвид дека Радев политички покажува јасни паралели со Виктор Орбан, почнувајќи од проруските позиции и евроскептичната реторика, па сè до политичкиот стил што се темели на конфронтација со Брисел. Загриженоста дека Бугарија би можела да стане следниот проблематичен случај во ЕУ, во тој контекст, не изгледа неоснована.
Прашувајќи уште во насловот дали „Бугарија е следната Унгарија?“, весникот „Стандард“ оценува дека „прорускиот поранешен претседател Радев, веројатно, ќе биде нов премиер“ и дека „на социјалните медиуми има индиции за мешање на Москва“ во кампањата. Весникот објаснува дека хаштагот #руменрадев со недели расте екстремно брзо – над 60 пати побрзо од рекламите за конкурентската партија ГЕРБ.
– Во Софија, политичките набљудувачи се уверени дека проруски ориентираниот Радев ќе стане нов премиер. Некои стравуваат дека со тоа Бугарија би можела да стане проблем за Европската Унија. Други, пак, сметаат дека Радев ќе се однесува прагматично и нема да ја отуѓи од ЕУ – пишува „Стандард“.












