| За време на посетата на најсовремената фабрика во Пекинг, весникот ВЕЧЕР имаше можност одблиску да види како изгледа производството на електричните автомобили на иднината. Производствените хали повеќе личат на научнофантастичен филм отколку на традиционална фабрика. Роботите работат без пауза, компјутерите носат одлуки во дел од секундата, но човекот е сè уште оној што го контролира целиот процес. |
Специјално од нашиот дописник од Пекинг,
Виолета СТОИМЕНОВА НАУМОСКА
Ако досега познатата трговска марка „Шаоми“ ја поврзувавме со мобилни телефони и паметни уреди, денес кинескиот технолошки гигант испишува ново поглавје – автомобилската индустрија.
За време на посетата на најсовремената фабрика во Пекинг, весникот ВЕЧЕР имаше можност одблиску да види како изгледа производството на електричните автомобили на иднината. Производствените хали повеќе личат на научнофантастичен филм отколку на традиционална фабрика. Роботите работат без пауза, компјутерите носат одлуки во дел од секундата, но човекот е сè уште оној што го контролира целиот процес.

Уште при влегувањето во фабриката станува јасно дека ова не е класична автомобилска индустрија. Наместо стотици работници покрај производните ленти, доминираат роботски раце кои речиси без човечка интервенција ги заваруваат, склопуваат и ги монтираат автомобилите. На двата роботи им се потребни 24 секунди за да ги склопат предните врати на секој автомобил.
Во клучните производствени процеси, автоматизацијата надминува 99 проценти, а повеќе од 700 роботи работат синхронизирано, со прецизност од неколку милиметри. Секој робот има точно определена задача – од спојување на каросеријата, преку бојадисување, до финалната монтажа.
Човекот сè уште има важна улога, но таа денес е поинаква. Инженерите и операторите, главно, ги надгледуваат процесите, додека најтешката и најпрецизна работа ја извршуваат машините.
Секој произведен автомобил минува низ десетици автоматски проверки. Камери со висока резолуција и системи базирани на вештачка интелигенција ги анализираат сите детали и веднаш откриваат дури и најмали неправилности. Пред испораката, секое возило се тестира и на специјална патека во рамките на фабричкиот комплекс, која имавме можност да ја искусиме и ние како посетители.
Фабриката, која е дел од индустрискиот комплекс во пекиншкиот округ Јиџуанг, почна со сериско производство во 2024 година. Првата фаза има годишен капацитет од околу 150.000 автомобили, додека веќе се гради и втората фаза, со што вкупниот капацитет ќе достигне 300.000 возила годишно.
Првиот модел, „шаоми СУ7“, беше лансиран во март 2024 година и веднаш предизвика огромен интерес кај кинеските купувачи. Побарувачката беше толку голема што компанијата мораше да го зголеми производството.

Основачот на „Шаоми“, Леи Џун, не крие дека амбицијата е компанијата во следните 15 до 20 години да стане еден од петте најголеми производители на автомобили во светот. Автомобилите се дел од концептот за целосно поврзан екосистем во кој телефонот, домот и автомобилот комуницираат како една целина. Така, нашиот водич од компанијата ни презентираше како додека патува кон дома, на својот автомобил може да му даде команди да ги вклучи или исклучи светлата во дневната соба, да ги контролира клима-уредот, завесите и сите електронски апарати во домаќинството.
Како што нè информираше претставничката на „Шаоми“, за европските купувачи има уште една важна вест. „Шаоми“ веќе ги прави последните подготовки за официјален влез на европскиот пазар, кој е планиран во текот на 2027 година, а компанијата веќе формира тимови и инфраструктура за проширување надвор од Кина.
Фабриката има строги правила за зачувување на тајни
Вратите на производствениот погон ретко се отвораат за јавноста. Производствените хали не смеат да се фотографираат ниту да се снимаат, а домаќините, за да го гарантираат тоа, ги пломбираа камерите на нашите телефони за време на разгледувањето на фабриката. Само при ретки и ексклузивни посети, каква што имаше весникот ВЕЧЕР, може одблиску да се види како изгледа процесот на производство. Надвор од фабриката, речиси е невозможно да се дознаат дури и најмалите детали од технолошките процеси што „Шаоми“ ги чува како строго деловна тајна.
Она што денес се случува зад затворените врати на оваа фабрика, утре ќе се вози по европските патишта. Оваа посета ни потврдува дека Кина веќе не е само место каде што се произведува евтина технологија, туку станува глобален центар за иновации, автоматизација и вештачка интелигенција. А фабриката на „Шаоми“ во Пекинг е еден од најдобрите примери за тоа како ќе изгледа производството на автомобили во следната деценија.













