Владите ширум светот мора итно да одговорат на предизвиците од нерамномерниот развој на вештачката интелигенција (ВИ), енергетската криза и рекордно високиот јавен долг, предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) пред годишните состаноци на Фондот и Светската банка следната недела во Бангкок.
Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, оцени дека инвестициите во вештачката интелигенција го поттикнуваат економскиот раст, но истовремено предупреди на инфлаторните притисоци од повисоките цени на енергијата, трговските тарифи и зголемените трошоци за одбрана.
Според неа, конфликтите на Блискиот Исток и во Украина ќе продолжат да влијаат врз снабдувањето со суровини и во 2027 година, додека повисоките каматни стапки ги зголемуваат трошоците за задолжување на владите. Светскиот долг веќе надминува 365 билиони долари, според Институтот за меѓународни финансии.
Во меѓувреме, бумот на инвестициите во ВИ ги турка берзите кон нови рекорди. Капиталните расходи на најголемите компании за облачни услуги и инфраструктура за вештачка интелигенција се очекува да достигнат 940 милијарди долари оваа година, а проекциите за 2027 година надминуваат 1,3 билиони долари.
Сепак, Георгиева предупреди дека земјите ќе мора да носат тешки буџетски одлуки, а централните банки внимателно да се справуваат со инфлацијата. Таа оцени дека периодот на евтино задолжување завршува, додека зголемените енергетски трошоци и глобалната неизвесност дополнително ги усложнуваат економските изгледи.












