недела, ноември 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонското знаме е државен симбол на сите граѓани, неговото сквернавење е недозволиво!

Македонското знаме е државен симбол на сите граѓани, неговото сквернавење е недозволиво!

1

РЕАКЦИИ И ОСУДИ ОД ВМРО-ДПМНЕ И ОД ЗНАМ ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО ТЕКОТ НА ПРОСЛАВАТА НА 28 НОЕМВРИ

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија најостро го осудува чинот на симнување и сквернавење на македонското државно знаме на плоштадот во Гостивар, чин со кој се изразува непочитување кон државните симболи, институциите и државата Македонија. Македонското државно знаме не е симбол на една политичка партија или на една етничка заедница. Тоа е државен симбол на Република Македонија, знаме на македонскиот народ и на сите заедници што живеат во нашата држава. Неговото почитување е обврска на секој граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност, се вели во соопштението од ЗНАМ.

– Почитувањето на правото на секоја заедница да ги негува сопствените традиции, култура и национални симболи не смее да биде изговор за непочитување на државните симболи. Прославувањето на Денот на албанското знаме, без соодветно истакнување на македонското државно знаме, претставува непочитување на државниот поредок и постапување спротивно на законските одредби за употреба на знамињата. Исто така, дивеењето по улиците, насилничкото однесување и нарушувањето на јавниот ред и мир во градовите најмалку прилегаат на достоинствено, свечено и цивилизирано одбележување на кој било празник – велат од ЗНАМ.

Оттаму додаваат дека празниците треба да бидат повод за славење, меѓусебно почитување и за градење соживот, а не за провокации, инциденти и за демонстрација на непочитување кон државата.

– Очекуваме надлежните институции без одлагање да ги расчистат настаните во Гостивар, да ги идентификуваат сторителите  и да постапат согласно со законите. Законот мора да важи подеднакво за сите, без селективност и без политички калкулации. Почитувањето на различностите е наша вредност, но почитувањето на државата, нејзините симболи и на законите е обврска на сите. Македонија е заедничка држава на сите нејзини граѓани и нејзиното знаме мора да биде почитувано од сите – порачуваат од движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

И од владејачката ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудија симнувањето и сквернавењето на македонското знаме во Гостивар и ги повикаа надлежните институции да постапат.

– Македонското знаме е државен симбол и секое негово непочитување треба да биде веднаш санкционирано. Ваквиот однос на поединци во општеството создава поделби, а не сплотување. Ги повикуваме надлежните институции веднаш да постапат и да ги идентификуваат сторителите – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Причина за реакциите е начинот на кој се одбележа 28 Ноември – Денот на албанското знаме и Денот на независноста на Албанија. Во пресрет на празникот, улиците на Гостивар беа украсени со голем број албански знамиња, а видеоснимка од украсувањето објави и градоначалникот Валбон Лимани. На снимката, која предизвика бројни реакции во јавноста, не се забележуваше македонско државно знаме.

Од Општина Гостивар изјавија за медиумите дека при украсувањето на градот било почитувано и истакнувањето на македонското државно знаме, додека од СВР Тетово информираа дека немало пријава до нив за евентуално прекршување на законските одредби при поставувањето на знамињата. Дополнителни реакции предизвика и прославувањето на 28 Ноември во повеќе градови во државата, со колони возила, албански знамиња, музика и со пукање од огнено оружје, за што беа објавени видеоснимки на социјалните мрежи.

Кулминација на случувањата во Гостивар беше објавувањето видеоснимка на која се гледаат две лица како го симнуваат македонското државно знаме од јарбол на улицата „Илинденска“, го туткаат и го фрлаат на земја. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 27 ноември во полициската станица Гостивар, по што полициска екипа извршила увид и презела мерки за расчистување. (В. С. Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ