Хрватската, но и светската спортска јавност е потресена од сериозен скандал откако неколку поранешни спортистки јавно проговорија за наводна физичка, психолошка и сексуална злоупотреба во текот на својата спортска кариера. Нивните сведоштва откриваат вознемирувачки детали за однесувањето на тренери, за контролата врз приватниот живот и за притисоците поради кои со години молчеле за она што го доживеале.
Случајот почна со исповед на поранешна хрватска олимпијка, која откри дека несоодветното однесување на нејзиниот тренер почнало уште кога имала 14 години. Според нејзиното сведоштво, тој со години ја допирал на недозволен начин, а сексуалната злоупотреба почнала кога имала 17 години.
- Од мојата 14., односно 15. година, тој секојдневно ми ги допираше градите и гениталиите, и тоа со години, пред други деца и пред малолетните членови на моето семејство – раскажала поранешната спортистка, пренесуваат хрватските медиуми.
Особено шокантни се деталите што ги изнесе за начинот на кој наводно ја стекнувал довербата на младите спортистки. Таа тврди дека девојките биле принудувани да влегуваат во неговата спална соба и да учествуваат во крајно несоодветни активности.
- Во нашиот случај, стекнувањето на довербата од тренерот значеше влегување во неговата спална соба, соблекување, останување само во танга и борење со него – човек што беше оженет и имаше деца – сведочела таа.
Според нејзините тврдења, контролата на тренерот не била ограничена само на спортските активности. Тој наводно одредувал со кого смее да се дружи, каква облека може да носи, каква музика да слуша, па дури и каква фризура треба да има.
И покрај тоа што остварила врвни спортски резултати и ја претставувала Хрватска на Олимписките игри, на крајот одлучила да го напушти спортот и да ги прекине сите контакти со човекот кого го обвинува за злоупотреба. Последиците, како што открила, биле тешки. Со години се обидувала да ги потисне трауматичните искуства, а подоцна побарала и психијатриска помош. Таа го пријавила случајот во полиција.
Но, ова не е единственото вознемирувачко сведоштво. Поранешната атлетичарка Тена Сакар-Вукиќ, исто така, јавно проговори за искуство што го опиша како злоупотреба при масажа. Таа раскажа дека била шокирана и целосно парализирана во моментот и дека го пријавила случајот кај надлежните органи.
Според медиумските информации, нејзината пријава била отфрлена, додека на тренерот му била суспендирана лиценцата во времетраење од 30 дена, по што повторно му била вратена. Откако јавно проговори, со неа контактирале најмалку 15 лица од атлетската заедница, од кои дел анонимно сведочеле за несоодветни допири и за сексуално вознемирување.
Особено загрижувачки се наводите дека се случиле дел од инцидентите додека биле спортистките малолетни. Сведоштвата се поврзуваат со неколку атлетски клубови, а случајот предизвика реакција и од Хрватскиот олимписки комитет.
Оттаму потврдиле дека добиле повеќе пријави и известувања за можно злоупотребување во атлетиката. Побарале официјален одговор од Хрватскиот атлетски сојуз, а по прибирањето дополнителни информации и документација, случајот ѝ бил предаден на полицијата за понатамошно постапување.
Најновите откритија отвораат сериозни прашања за заштитата на младите спортисти, за одговорноста на тренерите и на институциите, но и за причините поради кои наводните жртви со години не се осмелуваат јавно да проговорат. Истрагата треба да ги утврди околностите и одговорноста за изнесените обвинувања.











