Евролигата направи голем чекор кон модернизација на натпреварувањето, воведувајќи нов автоматизиран систем за делегирање судии во Евролигата и во Еврокупот.

Новиот систем е развиен со помош на најновата технологија за вештачка интелигенција, која анализира голем број различни критериуми при изборот на судиите.

Целта е секој судиски тим да биде составен врз основа на однапред утврдени правила, со што би се обезбедиле поголема доследност и подобра распределба на оптоварувањето во текот на сезоната.

Системот ги анализира судиската хиерархија, распоредот на натпреварите, претходните делегирања, бројот на натпревари и оптовареноста на секој судија.

Предвид се зема и специфичниот контекст на секој натпревар, како и комбинацијата на судии од различни националности.

Вкупно 14 правила се вградени во системот и тие се поделени во три главни области: спортски критериуми, управување со распоредот и оптовареноста, како и интегритетот на натпреварувањето.

Особено внимание ќе се посветува на тоа да нема премногу често делегирање исти судии за одредени тимови. На тој начин, Евролигата сака да избегне ситуации во кои одредени судии постојано би им суделе на истите екипи.

  • Технологијата ни дава можност да го унапредиме процесот на делегирање судии, бидејќи можеме да анализираме огромни количини информации и да примениме доследен сет критериуми за секој натпревар – изјави Даниел Хиерезуело, директор на Одделот за судење.

Според него, целта е технологијата да им помогне на судиите и истовремено да овозможи подобра распределба на натпреварите и на нивната оптовареност.

Новиот систем треба да придонесе и за поголема транспарентност и за непристрасност во процесот на делегирање.

Евролигата потврди дека системот веќе бил успешно применет во воведното коло од новата сезона. Тоа значи дека судиските екипи за натпреварите повеќе не се одредуваат само преку традиционалниот процес туку во изборот активно учествува и автоматизираната технологија.

По Евролигата, истиот систем ќе биде воведен и во Еврокупот, почнувајќи од следната недела. Ова е уште еден чекор на европското елитно натпреварување кон користењето современа технологија во организацијата.

Од Евролигата очекуваат новиот систем да овозможи порамномерна распределба на делегирањата и подобро управување со судиското оптоварување.

Вештачката интелигенција така добива нова улога во европската кошарка, овој пат директно во процесот на избор на судиите за натпреварите.

ИЗДВОЕНИ