Невообичаено раното распаѓање на стратосферскиот поларен вртлог и силниот феномен Ел Нињо создаваат редок метеоролошки преседан што би можел да донесе подолг студен бран во делови од Европа. Енергетските аналитичари предупредуваат дека таквото сценарио се заканува со забрзано празнење на веќе ниските залихи на гас во магацините и нов силен пораст на цените на енергијата, кои веќе достигнаа највисоки нивоа од кризата во 2022 година.
Комбинацијата од овие феномени би можела да доведе до подолг студен период и побрзо празнење на европските складишта за гас, кои на почетокот на зимата беа на најниско ниво за повеќе од една деценија.
„Геополитиката и времето се два клучни двигатели на нестабилноста на енергетските пазари, а сега се чини дека се случуваат истовремено, што претставува најголем ризик за пазарите“, изјави за CNBC Флоренс Шмит, виш енергетски стратег во Рабобанк.
Таа предупреди дека постудената од очекуваната зима во Европа би можела да го отежни управувањето со снабдувањето со енергија, забележувајќи дека гасот е повлечен од складиштата со невообичаено интензивно темпо во последните две недели.
Дејвид Луис, аналитичар во „Вуд Мекензи“, изјави дека не постои историски преседан за истовремено појавување на рано распаѓање на поларниот вртлог и екстремно силен Ел Нињо во текот на истата зима.
Според него, понатамошниот пад на температурите или послабите ветрови би можеле дополнително да го оптоварат европското снабдување и да доведат до зголемување на цените на гасот.
Цените на гасот во Европа се зголемија во последните недели на највисоко ниво од енергетската криза во 2022 година, а цената на референтниот холандски TTF фјучерсен договор за испорака во декември во петокот беше околу 87,28 евра за мегават час.












