Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против 24-годишниот маж кој на 10 ноември ја претепал својата 21-годишна девојка во семејниот дом во Битола. Тој се товари за кривично дело – телесна повреда при вршење семејно насилство, според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинението, по вербална расправија, обвинетиот ја удирал девојката по лицето со тупаници и шамари, а потоа ја стегал за вратот и устата. Со тоа ѝ нанел телесна повреда, неколку нагмечувања и крвни подливи.
Во текот на постапката за прибирање докази, на обвинетиот му беше определен притвор поради опасност од бегство и можност да го повтори насилното однесување. Обвинителството во образложението посочува дека ги имало предвид и информациите дека тој непосредно по настанот избегал од полициска станица и неколку дена не бил достапен. Бидејќи смета дека ризиците и натаму постојат, јавниот обвинител со обвинителниот предлог побара од судот да ја продолжи мерката притвор.
На вчерашниот протест против семејното насилство и фемицидите ,Бети Ангеловска, мајката на претепаната 21-годишна девојка изрази страв дека обвинетиот наскоро може да биде пуштен на слобода и праша кој ќе ја заштити нејзината ќерка.
„За неколку дена насилникот ќе биде слободен и кој ќе го заштити тогаш моето дете? Осум дена притвор за една година тепање девојка. Имам слики од претепаното дете, кои кога ќе заврши истрагата ќе ги објавам. Нема да дозволам никогаш повеќе да биде претепана од тој насилник. Бараме сите деца да бидат заштитени, тоа е работа на полицијата“, рече Ангеловска. (П.А.)












