Неверојатен инцидент го потресол фудбалот во Еквадор откако еден фудбалер доби дурил осумгодишна суспензија поради брутален напад врз помошен судија. Џон Микел Перлаза Салас бил казнет до 19 октомври 2034 година, откако со камен го погодил судијата Ленин Џовани Охеда Нуњез во лицето.

Шокантните сцени се случиле на 17 октомври, на натпреварот меѓу Сиудад де Јанцаца и Рио Агварико, во рамките на третото ниво на еквадорскиот фудбал. Инцидентот се случил во 96. минута, кога Перлаза, кој се наоѓал на клупата за резервни играчи, направил нешто што ја згрозило спортската јавност.

Според извештаите, фудбалерот прво се скрил зад буре, од каде што фрлил камен кон помошниот арбитер, а потоа мирно се вратил на своето место како ништо да не се случило. Судијата се здобил со сериозни повреди на лицето, поради што морал да биде подложен на хируршка интервенција и да помине 60 дена заздравувајќи. Натпреварот веднаш бил прекинат.

Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Еквадор го прогласила Перлаза за виновен за физички напад врз службено лице и му изрекла осумгодишна забрана за учество во какви било фудбалски активности. Федерацијата најавила и дека ќе побара од ФИФА да важи суспензијата на глобално ниво.

Тешки последици ќе има и неговиот клуб. Сиудад де Јанцаца бил казнет со 2.000 долари, а дополнително ќе мора да плати 4.369 долари за медицинските трошоци на повредениот судија. Покрај финансиската казна, клубот ќе мора да ги игра следните три домашни натпревари на неутрален терен.

Инцидентот предизвикал огромен револт, а Перлаза практично си ја уништил фудбалската кариера со еден несфатлив потег. Доколку ФИФА ја прифати иницијативата на еквадорската Федерација, неговата осумгодишна суспензија ќе важи во целиот свет.

ИЗДВОЕНИ