петок, ноември 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРОГРАМАТА ЗА РАНО ОТКРИВАЊЕ РАК НА ДОЈКА Е ВО ПРЕКИН, ЖЕНИ РЕАГИРААТ...

ПРОГРАМАТА ЗА РАНО ОТКРИВАЊЕ РАК НА ДОЈКА Е ВО ПРЕКИН, ЖЕНИ РЕАГИРААТ ДЕКА СО МЕСЕЦИ ЧЕКААТ ТЕРМИН ПРЕКУ СКРИНИНГ.МК

0

Веќе два месеци скопјанка чека да ѝ закажат термин за мамографија, преку националната програма за рано откривање рак на дојка, скрининг.мк. Иако се пријавила за преглед, досега не добила термин. Оваа жена, која навлегла во петтата деценија од животот, не е единствена што чека да ѝ закажат термин преку програмата за рано откривање рак на дојка, чекаат сите што направиле обид за преглед. Во ситуација кога годишно се регистрираат меѓу 700 и 1.000 нови случаи, организираниот скрининг, кој треба да овозможи навремено откривање на болеста кај жени без симптоми, во моментов не се спроведува.

Од Министерството за здравство потврдуваат за весникот ВЕЧЕР дека организираниот скрининг за рак на дојка е привремено запрен. Оттаму велат дека е во тек подготовка на нов модел, по постапувањето по препораките на Државниот завод за ревизија.

– Министерството за здравство работи на системско унапредување на превенцијата и на раното откривање на ракот на дојка. Програмата за рана детекција на малигни заболувања продолжува и опфаќа повеќе активности. Во нејзини рамки е предвиден и скринингот за рак на дојка, чие спроведување во моментов е привремено запрено додека се постапува по препораките на Државниот завод за ревизија и се подготвува унапреден модел. Нашата цел е да биде организиран скринингот според европските стандарди: со јасно определена целна популација, активно поканување, квалитетен мамографски преглед, навремен резултат и сигурно иследување на секој сомнителен наод – велат за ВЕЧЕР од Министерството.

Велат дека стручна комисија ги проверува расположливите апарати, кадарот и реалниот капацитет по здравствена установа. Од Министерството посочуваат дека важен дел од промените ќе биде подобрата електронска следливост, односно системот да овозможи да се знае која жена е поканета, дали го направила прегледот, кога го добила резултатот и дали, при сомнителен наод, ја завршила потребната дополнителна дијагностика.

– Паралелно се работи и на подобрување на евиденцијата за малигните заболувања и на поврзување на податоците потребни за следење на резултатите од програмата – објаснуваат од Здравство за ВЕЧЕР.

Министерството засега не наведува конкретен датум за повторно спроведување на скринингот. Најавува дека ќе биде информирана јавноста откако ќе бидат потврдени стручните, организациските и техничките услови.

Прекинот на програмата доаѓа по забелешките на Државниот завод за ревизија, кој во ревизијата на Програмата за рана детекција на малигни заболувања укажа на слабости во планирањето, спроведувањето и во следењето на скринингот. Ревизорите посочија дека недостигаат соодветни механизми за следење на опфатот и на ефектите од програмата, како и целосни и поврзани податоци за нејзината реализација.

Има поплаки и за недостапноста на дијагностичките прегледи во јавните здравствени установи. Пациентка од Кочани вели дека не може да закажат ниту мамографија ниту ехо на дојка преку „Мој термин“, дури и кога станува збор за контролните прегледи по лекувањето од рак на дојка. Една од нив реагира дека се упатуваат жените на приватно, по работното време, иако не секоја може да си дозволи да плаќа за прегледи што треба да бидат достапни во јавното здравство. (П. А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ