По минатонеделниот протест денеска во Охрид се одржа уште еден за насилството врз Сара Ѓорѓиеска кое го потресе градот. На 15 ноември Сара Ѓорѓиеска (26) беше крвнички претепана од нејзиното момче, 31-годишниот Кристијан Корабоски и фрлена од автомобил на улица. Корабоски е во 30-дневен притвор, обвинет е за крвичните дела телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, а судењето започнува на 27 ноември во Охрид.
На протестот се извикуваше „Охрид не молчит“ и „Ниту една повеќе“ и се побара одговорност од институциите и поголема заштита на жртвите.
На протестот се приклучи Љупчo Ѓорѓиески, таткото на 26-годишна Сара покажувајќи нејзина фотографија на која ѝ се гледаат модрици по лицето. „Ова е ќерка ми Сара. Ниту еден родител да не го види вакво своето дете и да не го доживее тоа што ни се случи на нас“, рече кусо Ѓорѓиески.
Од протестот беше упатен повик за навремени реакции по секоја пријава за насилство, ефикасни истраги и институционално постапување без политички влијанија.
„Насилството не е приватна работа, не е проблем на една личност, на едно семејство. Тоа е наш заеднички проблем. Молкот го штити насилството, Охрид повеќе не молчи, не сакаме повеќе жртви“, рекоа организаторите на протестот во Охрид.
Граѓаните од кејот на Охрид се упатија на марш низ Чаршијата, а потоа отидоа и до шолицијата и до зградата на Основниот суд во Охрид.












