Шпекулациите за иднината на четирикратниот светски шампион, Макс Верстапен, не стивнуваат, иако неговиот договор со Ред бул важи до 2028 година. Според бројни информации, во договорот постои клаузула што би можела да му овозможи предвремено заминување доколку не бидат исполнети одредени резултатски услови.
Верстапен сезонава неколкупати јавно го изрази своето незадоволство од перформансите на болидот, а дополнителни проблеми му создадоа и техничките дефекти поради кои остана без важни бодови.
Како најсериозни негови можни дестинации се споменуваат Мерцедес и Мекларен, иако Тото Волф и Зак Браун засега тврдат дека немаат планови да го ангажираат.
На оваа тема се јави и поранешниот британски возач, Џолион Палмер, кој смета дека Џорџ Расел е идеален кандидат кој би можел да го замени Макс Верстапен во Ред бул доколку Холанѓанецот го напушти тимот по крајот на сезоната.
- Ако оди Макс во Мерцедес, Џорџ Расел во Ред бул би било очигледно. Тоа би била фантастична можност за него – изјави поранешниот британски возач.
Тој додава дека австрискиот тим мора да донесе докажано име доколку остане без својот најдобар возач.
Покрај Расел, Палмер како потенцијални наследници ги спомена и двајцата возачи на Мекларен – Ландо Норис и Оскар Пјастри.
Според него, сè ќе зависи од тоа каде ќе заврши Верстапен, бидејќи неговиот потег ќе предизвика домино ефект на пазарот на возачи.
Палмер оцени дека Мекларен досега успешно ги менаџирал односите меѓу Норис и Пјастри, но евентуалното доаѓање на Верстапен би можело целосно да ја промени ситуацијата.
Во случај Холанѓанецот да потпише за Мерцедес, Расел би можел да остане без место, бидејќи Андреа Кими Антонели се смета за долгорочниот проект на германскиот тим.
Токму затоа Палмер верува дека Ред бул би добил ретка можност без долги преговори да ангажира еден од најквалитетните возачи во денешната Формула 1.
Доколку Верстапен навистина го напушти Ред бул, пазарот на возачи би можел да доживее една од најголемите реконструкции во последните неколку години.


![[Интервју] Синоличка Трпкова: Светот бара автентични приказни, да создаваме уметност без желба да се допаѓаме](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/07/sinolicka-za-sajt-450x300.jpg)








