четврток, јули 30, 2026
Дома СВЕТ „Без преседан во поновата историја“: Голем пожар во британска нуклеарна централа излезе...

„Без преседан во поновата историја“: Голем пожар во британска нуклеарна централа излезе од контрола, кампови евакуирани

0

Голем шумски пожар што избувна во средата во областа Данвич Хит во Сафолк, Англија, сè уште не е ставен под контрола, а на терен моментално се ангажирани повеќе од 100 пожарникари.

Иако пожарот се приближи до локацијата на нуклеарната централа „Сајзвел Б“ (Sizewell B) и до идната централа „Сајзвел Ц“ (Sizewell C), надлежните нагласуваат дека во моментов нема опасност за овие објекти.

Гори површина со големина од 140 фудбалски игралишта
Пожарот избувна во средата околу 17:30 часот по локално време, што доведе до прогласување на „голем инцидент“ поради неговиот обем и сложеност. Огнот зафати околу 100 хектари – површина споредлива со 140 фудбалски игралишта – и иако веќе не се шири брзо, тој продолжува да напредува кон внатрешноста на копното, изјави за Би-би-си началникот на противпожарната служба на Сафолк, Џон Лејси.

Евакуација на населението; пожарот засега не влијае врз работата на нуклеарната централа
„Гардијан“ известува дека кампот „Клиф Хаус“ и блиските туристички кампови, каде што има околу 200 камп-приколки, се евакуирани како мерка на претпазливост. Засега нема повредени, но на жителите и посетителите им е препорачано да ја избегнуваат областа и да ги држат прозорците и вратите затворени поради густиот чад.

Противпожарната служба ангажираше 18 противпожарни возила, повеќе од 100 пожарникари, дронови, теренски возила „Унимог“ и четирицикли за што побрзо да го стават пожарот под контрола.

Пожарникарите нагласуваат дека пожарот во моментов не претставува закана за нуклеарната централа „Сајзвел Б“ (Sizewell B), а енергетската компанија EDF соопшти дека пожарот не влијае врз работата на централата и дека внимателно ја следат ситуацијата. Тие исто така истакнаа дека написите во одредени медиуми за наводната „висока подготвеност“ на централата не се точни. Од проектот за идната централа „Сајзвел Ц“ (Sizewell C) исто така изјавија дека ризикот за локацијата е мал поради оддалеченоста на пожарот и водените бариери меѓу местото на пожарот и градилиштето.

„Пожар од невидени размери, катастрофална штета“
Пожарот се прошири на делови од природниот резерват RSPB Minsmere, кој е затворен за посетители. Управникот на резерватот, Адам Роулендс, го опиша пожарот како „невиден во поновата историја“, а штетата како „катастрофална“.

Британскиот премиер Енди Бурнам изјави дека владата внимателно ја следи ситуацијата и вети дека ќе ѝ ја обезбеди на противпожарната служба во Сафолк сета неопходна помош и дополнителни ресурси.

Експертите предупредуваат дека долготрајната суша и серијата топлотни бранови во последните недели создале услови во кои вегетацијата многу лесно се пали, што придонесува за брзо ширење на пожарите.

Хилари Мекгрејди, генерална директорка на организацијата „National Trust“ во Обединетото Кралство, ја повика владата да ги засили мерките за прилагодување кон климатските промени, предупредувајќи дека Обединетото Кралство во иднина ќе мора да се справува со сè почести и подеструктивни шумски пожари. Слично предупредување упати и Закари Кембел-Локри, експерт за пожари од Универзитетот во Единбург – како што пренесоа BBC и The Guardian – кој истакна дека екстремната суша и топлотните бранови значително го зголемиле ризикот од избувнување на големи пожари.

ИЗДВОЕНИ