Во фокусот на шестиот том од капиталната повеќетомна едиција „Одбрани дела“ на проф. д-р Марко Китевски
Шестиот том од „Одбрани дела“ на проф. д-р Марко Китевски е повеќе од научна книга. Тој е сведоштво за духовната историја на македонскиот народ, за неговите верувања, стравови, надежи и колективна меморија, но и потврда за големиот научен придонес на еден од најплодните македонски фолклористи. Овој том е уште една потврда дека проф. д-р Марко Китевски му припаѓа на редот на најзначајните хроничари и толкувачи на македонската народна култура, оставајќи трајно сведоштво за духовните вредности, традициите и историската меморија на македонскиот народ
Верувањето во Баба Рога, вампири, вештерки, стии и караконџули, стравот од црната мачка и бројот 13, верувањето во уроци и во моќта на бајачите се дел од народните претстави што со векови опстојуваат во колективната свест на Македонците. Заедно со христијанската вера, тие создаваат сложен свет на верувања, обичаи и духовни искуства. И народната мудрост „На клетва лек нема“, што со векови се пренесува од генерација на генерација, сведочи за длабоко вкоренетите верувања во македонската традиција. Токму овие појави, сложената врска меѓу верата, традицијата и народната психологија, се во фокусот на шестиот том од капиталната десеттомна едиција „Одбрани дела“ на проф. д-р Марко Китевски, насловен „Вера и суеверие; На клетва лек нема; Мојот пат“.
„Клетвите, како и заклетвите, благословите, здравиците и баењата, потекнуваат од верувањето во магичната моќ на зборот. Примитивниот човек верувал дека со одредени зборовни формули може да влијае врз човековата судбина и да ја насочува во позитивна или во негативна насока“, пишува Китевски во делот посветен на клетвите. Клетвата, според авторот, ѝ припаѓа на вербалната магија и претставува еден од најинтересните феномени во народната традиција. Студијата „На клетва лек нема“ претставува едно од најтемелните истражувања на клетвата во македонската фолклорна традиција, додека третиот дел, „Мојот пат“, нуди драгоцен увид во животот, научниот развој и богатото творештво на авторот. Во овој дел од книгата се објавени и интервјуата на професор Китевски дадени за повеќе медиуми, а посебна чест за нас претставува што неколку од нив се објавени во весникот ВЕЧЕР и на порталот vecer.press.
Ова значајно издание е посветено на јубилејот – 1110 години од упокојувањето на свети Климент Охридски, а во него авторот ги обединува своите долгогодишни истражувања за македонската духовна традиција, народните верувања и фолклорното наследство. Обработени се теми поврзани со православните празници и светители, со паганските елементи што се задржале во народната култура, како и со клетвата како еден од најкарактеристичните феномени во македонското народно творештво.
Посебна вредност имаат текстовите посветени на светите Кирил и Методиј, свети Климент и свети Наум Охридски, чии ликови и дела со векови живеат во народното паметење преку преданија, легенди и верувања. Авторот низ научен пристап покажува како овие светители станале дел од колективната духовна меморија на македонскиот народ и како нивниот култ се пренесувал од генерација на генерација.
Шестиот том од „Одбраните дела“ на проф. д-р Марко Китевски е повеќе од научна книга. Тој е сведоштво за духовната историја на македонскиот народ, за неговите верувања, стравови, надежи и колективна меморија, но и потврда за големиот научен придонес на еден од најплодните македонски фолклористи. Овој том е уште една потврда дека проф. д-р Марко Китевски му припаѓа на редот на најзначајните хроничари и толкувачи на македонската народна култура, оставајќи трајно сведоштво за духовните вредности, традициите и историската меморија на македонскиот народ.
Досега, со негов потпис се објавени околу 70 книги и повеќе од 400 други трудови – студии, статии, рецензии, полемики и научни прилози објавени во книги, списанија, зборници од научни собири и други публикации.
Во време кога народната традиција сè повеќе отстапува пред современите предизвици, книгите на Марко Китевски остануваат драгоцени сведоштва за духовниот свет, верувањата и колективната меморија на македонскиот народ.
За својот богат научен и истражувачки опус, проф. д-р Марко Китевски е добитник на бројни признанија, меѓу кои наградите „13 Ноември“ на Град Скопје, „Ѓорче Петров“, државните награди „23 Октомври“, „Гоце Делчев“ и „Св. Климент Охридски“, како и највисокото државно признание за животно дело – наградата „11 Октомври“, доделена во 2024 година за исклучителен придонес во областа на науката. (Е. А.)












