четврток, октомври 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ВО ВЕРБАЛНА ВОЈНА ОКОЛУ НОВОТО ГЛАСАЊЕ: Фрлените ракавици за...

ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ВО ВЕРБАЛНА ВОЈНА ОКОЛУ НОВОТО ГЛАСАЊЕ: Фрлените ракавици за предвремени избори никако да се прифатат

И покрај постојаните покани од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ да се побараат нови избори, опозициските социјалдемократи и натаму соопштуваат дека „нема да бидат алиби за нив“

848

Предвремените парламентарни избори во Македонија одново стануваат тема во јавноста, но само преку соопштенијата од таборите на власта и на опозицијата, без некој да иницира конкретна постапка. Откако пред повеќе недели премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека ќе прифати да се одржат предвремени избори доколку го побара тоа „здружената опозиција на СДСМ, ДУИ и Левица“, фрлената ракавица не е прифатена поради ставот на опозициските социјалдемократи. Партијата чиј лидер е Венко Филипче тогаш соопшти дека „нема да му биде алиби на премиерот Мицкоски за изборите кои ќе мора да ги распише кога ќе снема пари во државниот буџет“. Но, темата за изборите деновиве одново се појави во јавноста, по епилогот на изборите во соседна Србија и со претстојната смена на власта во соседната држава. Филипче, кој во изминативе месеци силно го обвинуваше премиерот Мицкоски за блискост и поврзаност со поразениот доскорешен српски претседател, Александар Вучиќ, деновиве изјави дека сега е на ред и македонскиот премиер да доживее изборен пораз. На ова дојдоа и одговорите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Собранискиот потпретседател од редовите на владејачката партија, Антонијо Милошоски, вчера изјави дека во таква ситуација логично би било Филипче да побара предвремени избори.

Меѓутоа, и ваквиот став не го премисли лидерот на социјалдемократите, Филипче, кој повторно го кажа истиот став за евентуално ново изборно изјаснување на граѓаните.

– Мицкоски нема да добие алиби за избори од СДСМ, избори ќе има кога ќе снема пари за партиски тендери. Изборите не се прашање на тоа дали некој ќе му каже на премиерот нешто или нема да му каже или ќе го предизвика отстрана. Ние не се плашиме избори. Така што ние сме подготвени во кој било момент да настапиме на избори. И покрај тоа што сака премиерот да нè фрагментира, да не дели со различни заднински игранки. Нема да му успее – рече Филипче.

За разлика од СДСМ, опозициските ДУИ и Левица веќе соопштија дека се залагаат за одржување предвремени избори. Социјалдемократите сè уште се наоѓаат во фаза на внатрешна консолидација, која и според оцените на високи партиски функционери сè уште не е завршена. Паралелно со ова, партијата ја потресуваат внатрепартиски потреси, особено со делувањето и барањата на групата „Платформа 12.05“, составена од поранешни партиски функционери.

Истовремено, и последните истражувања на јавното мислење покажуваат значителна предност на владејачката партија. Така, според анкетата на „Гранулекс“, ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од трипати поголема поддршка од СДСМ – 23,7 наспроти 6,9, а според претходната анкета на „Маркет вижн“, соодносот е 19,3 проценти наспроти 5,6 отсто. Ваквата состојба, според политичките аналитичари, укажува дека во овој момент барањето за предвремени избори нема да дојде во скоро време од социјалдемократските редови, туку одлуката за тоа се наоѓа во рацете и процените на премиерот Христијан Мицкоски. (Б. Ѓ.)

Премиерот со повик во Брвеница да не се гласа по етничка припадност

Повик до граѓаните да не се гласа на претстојните избори во Брвеница според етничката припадност упати денеска премиерот Христијан Мицкоски.

– Ќе дојдат политичари што ќе ги делат, по етничка припадност најчесто. Немојте никогаш да гласате затоа што некој од политичарите ви вели: гласајте за овој затоа што е етнички припадник на таа заедница или на другата, туку гласајте онака како што ви велат разумот и срцето – порача премиерот.

В недела, во вториот изборен круг, граѓаните ќе се изјаснуваат меѓу Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој освои 2.945 гласа на првото гласање и Аркин Јахиј од ДУИ со 2.152 гласа. Според калкулациите, решавачко ќе биде каде ќе отидат гласовите на отпаднатите кандидати Јакуп Хусени од Вреди со 1.528 гласа, Јовица Радевски од СДСМ со 706 гласа и независните кандидати Душан Богдановски со 55 и Арифе Идризи со 21 глас.

ИЗДВОЕНИ