Пред многубројна публика во македонскиот Културно – информативен центар во Загреб, се одржа аудио-визуелно предавање „Историја на македонската рок музика“ на Тошо Филиповски. Вечерта посветена на рок музиката и рок културата предизвика голем интерес кај публиката, која покрај предавањето имаше можност да ја разгледа и поставената изложба. На настанот присуствуваа високи претставници на дипломатскиот кор, локалните и државните институции, почитувани гости и бројна публика.
На почетокот на настанот, директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, им се обрати на присутните, претставувајќи го гостинот на вечерта, Тошо Филиповски, и осврнувајќи се на неговото богато творештво и долгогодишна посветеност во истражувањето, документирањето и афирмацијата на македонската рок музика. Таа истакна дека неговото повеќедецениско истражување претставува непроценлив придонес во зачувувањето на современото македонско музичко наследство и колективната културна меморија.
Со пригодно обраќање потоа се обрати и амбасадорот на Република Македонија во Република Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, кој им посака срдечно добредојде на присутните и ја истакна значајната улога на македонскиот КИЦ во Загреб во афирмацијата на македонската култура во Хрватска. Тој нагласи дека КИЦ-от токму преку ваквите програми успешно ја реализира својата мисија на промотор на македонската култура и културната дипломатија, придонесувајќи за продлабочување на културните врски и пријателството меѓу Македонија и Хрватска.
Преку богатата аудио-визуелна презентација, проследена со ретки фотографии, видеоснимки, музички записи и бројни интересни сведоштва, публиката имаше можност да проследи повеќе од шест децении развој на македонската рок сцена – од нејзините почетоци во шеесеттите години на минатиот век, па сѐ до денес.
Како автор на капиталните изданија „Македонска рок енциклопедија 1963–2018“, „Македонска дискографија – винили“, „Македонски рок времеплов“, монографијата „Мизар – Откровенија“, биографијата „ГОТРА“ и најновата монографија „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“, Тошо Филиповски создаде непроценлива документарна граѓа за развојот на македонската рок сцена. Покрај својот авторски труд, со години дејствува како новинар, уредник, радио-водител, телевизиски автор, организатор на фестивали, издавач и промотор, давајќи исклучителен придонес во зачувувањето на колективната меморија и современото музичко наследство на Македонија.
По гостувањето во Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, својата аудио-визуелна презентација ја продолжи во Ријека, Пула, Сплит и Дубровник, овозможувајќи ѝ на публиката во овие градови да се запознае со богатото наследство на македонската рок музика и рок култура.
Вечерта посветена на македонската рок музика се реализираше со поддршка од Министерството за култура и туризам.












