недела, јули 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВЕЧЕР РЕПОРТАЖА – епидемијата во опаѓање, најави за техничка вода од денеска,...

ВЕЧЕР РЕПОРТАЖА – епидемијата во опаѓање, најави за техничка вода од денеска, но градот ги живее најтешките денови во поновата историја: Гостиварци и натаму жедни за нормален живот

813

Денот за гостиварци и натаму не почнува вообичаено. Паниката можеби стивна, но неизвесноста остана. Чешмите ги отвораат со недоверба, шишињата со вода станаа дел од секое домаќинство, а меѓусебните разговори во продавниците, кафулињата и на улиците каде што стојат во ред за донирана вода почнуваат и завршуваат со прашањето „до кога?“

 

 

Гостивар ги живее најтешките денови во поновата историја. Десетина дена од здравствената криза што погоди илјадници граѓани, градот сè уште не живее нормално, а забраната за користење на водата за пиење останува во сила. Позитивни информации стигнаа од Министерството за здравство, од каде што велат дека врвот на епидемијата е надминат, односно дека според графичкиот приказ со дневните податоци за пациентите кои побарале лекарска помош во Општата болница и Здравствениот дом во Гостивар, епидемијата во градот е во опаѓање.

Сепак, денот за гостиварци и натаму не почнува вообичаено. Паниката можеби стивна, но неизвесноста остана. Чешмите ги отвораат со недоверба, шишињата со вода станаа дел од секое домаќинство, а меѓусебните разговори во продавниците, кафулињата и на улиците каде што стојат во ред за донирана вода почнуваат и завршуваат со прашањето „до кога?“.

– Донираната вода не е доволна за нормално функционирање на едно семејство, мора да се докупува уште најмалку два пакети во текот на денот. Тешко е, но се снаоѓаме. Ми се чини дека солидарноста е на ниво како во време на короната. Ние имаме соседи кои имаат куќа во Зубовце и секоја вечер одиме таму, што за нас многу значи, изјави за весникот ВЕЧЕР млада гостиварка, која во маркет туркаше две колички – во едната имаше пакети со вода, а во другата спиеше бебето. Зад неа, се надоврзува еден повозрасен гостиварец, кој како повеќе за себе, праша: „Којзнае што се случи, ова ни среде војна го немало“. Додаде дека дома кај него сите освен него имале температура, дијареја и повраќање, а неговото правнуче завршило во болница.

Гостивар деновиве остана без вообичаениот летен пулс. Вообичаено, крајот на јули е период кога градот живее со полни гради. Од странство пристигнуваат илјадници печалбари, во кафулињата нема слободно место, а свадбените веселби се редат една по друга. Годинава, сликата е сосема поинаква. На улиците ја нема онаа вообичаена турканица од луѓе, ја нема ни препознатливата летна „парада“ на автомобили со која печалбарите симболично покажуваат што создале во туѓина. По кафулињата, слаткарниците, бурекџилниците, во ќебапчилниците… се служи со пластичен прибор, но и тие се полупразни… како да замреа и свадбите. Наместо десетина веселби дневно, викендов едвај се одржаа една или две.

– Дојдовме од Виена со децата, ова ни е најубавиот период од годината. Едвај чекаме да ги отвориме куќите во родниот крај, но кога видовме дека водата е загадена, што да ви кажам… кај сакаат да се мачат вака, како во среден век. Младите веднаш заминаа во Албанија, изјави еден од гостиварските печалбари.  

 

ГРАЃАНИТЕ ЧЕКААТ ЧИСТА ВОДА

И тој и илјадниците граѓани секое утро очекуваат дека ќе добијат барем техничка вода со која ќе можат да ги извршуваат секојдневните обврски. Последна вест стигна лично од премиерот Христијан Мицкоски, кој пред неколку дена рече дека технички исправна вода ќе добијат до крајот на неделава, но вчера го помести терминот за еден ден.

– Екипи од скопскиот водовод во Гостивар работат на хиперхлорирање на инсталацијата. Очекувам уште утре да се издаде соопштение дека водата е технички исправна за користење. Ова се санираше во рекорден рок од една недела. Мене ме чуди што опозицијата ги критикува општината и раководството што самите го поддржуваа за време на локалните избори. Владата испорачува резултати и ќе продолжи да го прави тоа, рече вчера Мицкоски и додаде дека резултатите од досегашните анализи се добри и дека состојбата е санирана во краток рок.

– Политика на Владата е да испорачува и ние така и ќе продолжиме, целосната одговорност и целосната ингеренција за тоа што се случи во Гостивар се лоцирани од страна на ЈО, понатаму тие ќе продолжат да лоцираат доколку е потребна и нова одговорност да биде лоцирана од страна на државата, иако тоа не се наши ингеренции – изјави премиерот.

 

ПОЛИТИЧКИ ОБВИНУВАЊА ЗА КРИЗАТА

 

Вчера, од опозицискиот СДСМ, повторно побараа оставка од министерот за здравство, Сашо Клековски, оценувајќи дека неговата изјава оти „црвените светла“ во Гостивар се запалиле предоцна претставува признание дека институциите задоцниле со реакцијата. Според нив, реакцијата на надлежните институции била задоцнета, а жителите на Гостивар со денови користеле загадена вода. Оттаму го отворија и прашањето за квалитетот на водата во Болницата за белодробни заболувања во Лешок, велејќи дека анализата ја изработил Центарот за јавно здравје – Тетово и резултатите биле доставени до Министерството за здравство и до Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Дали надлежните институции постапиле по добиените резултати, дали биле известени пациентите и персоналот и дали биле преземени мерки за нивна заштита? – праша Младеновска.

Во однос на критиките од опозицијата за неисправноста на водата во неколку града, Мицкоски оцени дека Владата останува фокусирана на решавање на проблемите и обезбедување услуги за граѓаните.

– Ги следам процесот и политиките на опозицијата. Честопати се трудам да не ги коментирам бидејќи нема суштина за коментирање. Мавтаат со извештаи од периодот кога претседателот на СДСМ бил министер за здравство, но тоа е нивна политика. Нивната политика е да конструираат лаги и да шират хистерија. Она што е политика на владата е да испорачува и ние така и ќе продолжиме – рече Мицкоски.

Но, гостиварци деновиве најмалку ги интересираат политичките препукувања. Тие го чекаат денот кога повторно без страв ќе можат да наполнат чаша вода од сопствената чешма. Дотогаш, животот во градот продолжува со шишиња вода, редици пред пунктовите и надеж дека најтешките денови конечно остануваат зад нив. (Е. А.)

ИЗДВОЕНИ