Американската параолимпијка Катарина Гимараеш (22) пронајде необичен начин да си ги финансира спортските подготовки за Олимписките игри во Лос Анџелес, во 2028 година. Таа потпиша спонзорски договор со платформата „Онли фанс“, но постави јасна граница: нема да има експлицитни содржини на нејзиниот профил.
Таа потпиша едногодишен договор вреден 25.000 долари, а претплатата за нејзиниот профил изнесува 10 долари месечно. Иако платформата е најпозната по содржините за возрасни, американската спортистка ја користи за да ги споделува своите тренинзи, како изгледа животот на една спортистка и секојдневните активности.
Нејзината одлука предизвика голем интерес, а меѓу понудите имаше и 15.000 долари за приватен видеоповик со експлицитна содржина. Сепак, Гимараеш категорично ја одби понудата, нагласувајќи дека тоа не е нешто што сака да го прави.
- Сите во мојот тим ми велеа дека треба да ги земам парите, но им одговорив дека тоа едноставно не сум јас – откри таа.
Наместо тоа, нејзиниот профил им е посветен на спортот, вежбањето во вежбалница и на мотивирањето на жените да бидат силни и самоуверени. Таа сака да покаже дека женственоста и физичката сила може да одат заедно.
Зад нејзината приказна стои и голема животна борба. Гимараеш има церебрална парализа, невролошка состојба што влијае врз движењето, координацијата и мускулниот тонус. Финансиската поддршка од спонзорството ѝ помага да ги покрива трошоците поврзани со состојбата и да му се посвети на спортот без постојан притисок за пари.
Нејзиниот спортски пат почнал уште во детството, а подоцна се здобила и со црн појас во теквондо. Таа стана првиот спортист со церебрална парализа што се натпреварувал во Првата дивизија на американската универзитетска лига NCAA.
Во 2024 година, ги претставуваше САД на Параолимписките игри во Париз, каде што го освои осмото место во скок во далечина. Сега ги продолжува подготовките за следните големи предизвици, вклучувајќи ги и Игрите во Лос Анџелес, во 2028 година.
Покрај спортските обврски, таа студира кинезиологија на магистерски студии на Државниот универзитет во Луизијана. Нејзината приказна покажува како може да ѝ помогне на спортистка една необична спонзорска соработка да продолжи да се натпреварува на највисоко ниво, без да ги премине сопствените граници.











