Македонскиот ракометен шампион Вардар, утревечер, од 18.45 часот, на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“, ќе го пречека францускиот Нант, во 2. коло од Лигата на шампионите. Вардарци беа поразени во првото коло, на гостувањето кај бундеслигашот Мелсунген, па затоа на првиот натпревар на домашен терен ќе се обидат да го поправат впечатокот и да ги израдуваат домашните навивачи со победа. Но, тоа ќе биде многу тешко, бидејќи Вардар на овој натпревар ќе настапи без тројца клучни играчи. Милан Лазаревски и Милан Бомаштар нема да настапат, додека конечната одлука за Жоао Педро ќе биде донесена по последниот тренинг.

Тренерот, Иван Чупиќ, зборуваше со почит за квалитетот на францускиот состав, но нагласи дека Вардар има јасна цел пред својата публика.

„За Нант можам да кажам само убави зборови – и за тренерот и за целиот состав. Секако, имаме свои желби и надежи да дојдеме до двата бода и до првата победа во оваа сезона од Лигата на шампионите. Сакаме да ја почувствуваме вистинската поврзаност со нашата сала и веруваме дека тоа може да ни помогне да стигнеме до победата. Првите бодови би ни значеле многу и би биле голем ветер во грб за натпреварите што нè очекуваат до крајот на првата фаза“, истакна Чупиќ.

„Лазаревски сигурно нема да биде со нас, а нема да настапи ниту Бомаштар. Лазаревски веќе извесно време има проблем со рамото. Работи и тренира, но одвоено од тимот, па нема да биде со нас и на овој натпревар. Секој ден е подобар, но сè уште не е подготвен да работи со тимот. Бомаштар повторно почувствува болка во грбот на вчерашниот тренинг, така што нема да може да ни помогне. Педро е во завршната фаза од закрепнувањето. Го имаме последниот тренинг и потоа заедно ќе одлучиме што е најдобро. Се надевам дека ќе бидеме посилни во споредба со натпреварот против Мелсунген во Касел и ќе имаме поголема ротација со Педро.

Ќе ја следиме неговата состојба до мечот. Ако се чувствува добро, ќе биде во составот. Ако ситуацијата е 50-50, сигурно нема да ризикуваме. Во овој момент сите останати играчи се на располагање. Сепак, имаме уште еден тренинг, а никогаш не се знае што може да се случи со ситни болки или вирози“, објасни Чупиќ.

За Јака Малус, настапот во „Јане Сандански“ во дресот на Вардар претставува посебен мотив.

„Мислам дека секој натпревар за мене е голема мотивација. Како што кажав и кога дојдов, имав можност да играм во ‘Јане Сандански’ кога Вардар беше во своите најдобри години, а сега можноста да настапувам тука во дресот на Вардар е уште поголема мотивација. Дербијата ми се голема мотивација, како и европските натпревари во Лигата на шампионите. Најголема мотивација е да настапуваш во најелитното натпреварување во ракометот. Мотивацијата ми е на највисоко ниво. Едвај чекам да заврши последниот тренинг, да се одмориме и да излеземе на теренот“, дополни Малус.

Н: „Црвено-црните“ подготвуваат спектакл во фан-зоната

Најтрофејниот македонски ракометен клуб, Вардар, подготвува вистински ракометен спектакл пред натпреварот со Нант во Лигата на шампионите. Утре, два часа пред почетокот на дуелот, на платото пред салата ќе биде организирана голема црвено-црна фан-зона, наменета за сите навивачи на клубот. Забавата ќе започне во 16:45 часот, а присутните ќе можат да уживаат во музичка програма, пијалаци и различни активности.

Во чест на 35 години од независноста на Македонија, целокупната музичка програма ќе биде посветена на македонската музика, со што Вардар сака заедно со своите навивачи да го најави големиот европски натпревар. Посебна можност ќе имаат и најмладите навивачи, но и сите оние што сакаат да се дружат со дел од ракометарите на Вардар, кои поради различни причини нема да бидат во составот за натпреварот, како и со младите категории на клубот.

Една од главните атракции ќе бидат двата трофеи од Лигата на шампионите, освоени од Вардар во 2017 и 2019 година. Пехарите ќе бидат изложени во фан-зоната, а навивачите ќе имаат можност да се фотографираат со највредните трофеи во историјата на клубот.

ИЗДВОЕНИ